Земјоделието е бадијала, штом нема организиран откуп
Тетовски земјоделци се жалат дека без организиран откуп на земјоделското производство, под цена го продаваат произведеното, а ќарат трговците.
Обработува 12 хектари земјоделска површина, а своите производи ги продава на улица. Земјоделецот Драги Илиевски од тетовското село Фалише, вели дека е принуден на ваков чекор затоа што во Тетовско нема откупни центри, а на Кванташки пазар за зеленчукот му нудат цена пониска од сумата која ја вложил за производство. Па, сега вели дека вака се снаоѓа на пазарот, а нешто продава и по локалните продавници.
-Јас се занимавам со земјоделие 20 години, тоа е традиција пренесувана од колено на колено. Иако обработувам 12 хектари земја, не земам субвенции за сите ниви, некои ниви ги имам под наем и сопствениците што се на нивите ги земаат другите субвенции. Тешко е со земјоделието. Штом нема откуп бадијала е. Еве сега тутунот, знаеш дека е толку пари, произведуваш и знаеш дека ќе го продадеш. Така е најдобро, а не вака по тезги да продаваш. Поради ваквата состојба многу малку се занимаваме со земјоделието, од година во година пропаѓа земјоделието. Има земја што се обработува ама само за себе земјоделците ја обработуваат и некои има што засадуваат ливади и луцерка и ја продадат по бали. Еве и тетовското гравче веќе никој не го засадува нема кој да го бере, нема работна сила, а и да има нема да можеш да му ја платиш дневницата. И со компирот многу слабо 12 денари килограм го продаваме и никој не сака да го купи, вели земјоделецот Илиевски од тетовско Фалише.
Тој вели дека се надевал дека со сточарството ќе ги израмни сметките, но и тука нема иднина. Се поскапува, така треба и цената на млекото да поскапи, но во реалноста цената на овој производ кои млекарите го купуваат од нас се намалува.
-Сега килограм млеко ни го откупуваат за 20 или 19 денари, некои и по 18 денари. Самите млекари ги одредуваат цените, си се договараат. Треба државата да интервенира и да ја одреди цената. Јас го давам млекото на некои тетовски семејства и пак некоја добивка имам од стоката, а вака од кооперанти, ама апсолутно немам никаква заработка. Салата една 25 денари, а килограм млеко 20 денари, а да дојдеш до литар млеко треба многу да поминеш. Би требало барем млекото да биде 25 денари и да се извадиш дека се е скапо и балирањето и ете нафтата се покачи 10 до 12 денари, се поскапува, а млекото останува исто, мислам на цената. Државата треба да интервенира и да нема увоз на млеко и на млеко во прав кој се користи, вели земјоделецот Илиевски.
Тој се пожали дека се уште нема никаков одговор од Министерството за земјоделие во врска со Програмата за млади земјоделци преку која треба неговиот син Николче, млад земјоделец кој аплицирал да земе 20 илјади евра неповратни средства, пари со кои треба да купи механизација.
И покрај ваквата состојба, Драги вели дека нема да се откаже од сточарството, но има некои кои сосема дигнале раце од оваа гранка.
Сточарите бараат повисока откупна цена на млекото
-Јас сум чувам 26 крави, ама бадијала. Сум подигнал кредит. Цената на млекото не е качена 20 години. Тоа не е нормално, зборувам за цена која им се нуди на земјоделците за литар откупен производ. Се е покачено, ама млекото не е. Земјоделие имаше пред 20 години, сега нема земјоделие замрено е се. Порано си го продавал 16 денари млекото, а во маркетите се продавало по 18 денари, сега ти го продаваш 18 денари, а во маркет се продава за 45 денари, вели поранешниот земјоделец Борче Силјановски од Тетово.
И неколкумина земјоделци кои ги продаваат своите производи на Тетовскиот зелен пазар и во негова близина велат дека ќе се откажат од оваа дејност. Пробале со се и сешто, ама во Тетовско да бидеш земјоделец е најтешко.
-Пробав под фолии да чувам зеленчук, ама кај нас во Тетовско е многу ладно, во Скопскиот регион е малку подруго, потопло е и може со ова да се занимаваш. Сега на пример не можеш да садиш и да произведеш порано, многу е ладно и под фолија. Така да од тоа се откажав. Некои пробаа со лешници, ајде нешто да сменат, првата година им одеше продажбата, ама сега не се продава и лешникот. Кај нас се знае кој е најголем проблем, немање на откупен центар, велат земјоделци од Тетовско.
На Тетовскиот зелен пазар има се помалку земјоделци, вистински производители на храна, а се повеќе трговци.
Зоран Димовски за Зелена берза