Иднината на производството на тутун
Дебатата за тутунот и состојбите во Македонија во Отвореното студио на Телевизија Нова појаснија многу прашања за оваа стопанска гранка. Според постоечките состојби, како и извесни регулативи кои што на земјата и се наметнати од веќе одамна ратификувани конвенции и заедно со домашните законски регулативи, македонскиот тутун е ценет на светскиот пазар, а тутунопроизводството има перспектива.
Според мислењето на експертите треба да се продолжи со досегашната стратегија. Продолжување на политиката на субвенционирање на тутунот со едно евро произведен и предаден тутун, интензивирање на преговорите и разговорите со странски инвеститори кои би влегле на овој пазар за да внесат знаење, технологија на производство и поттикнување на количините кои треба да бидат произведени и зголемување на побарувачката. На тој начин би се подобриле условите на пазарот како и цената кои ќе биде постигната меѓу побарувачката и производителите. Целата постоечка регулатива оди во прилог на сето тоа.
Во однос на странските компании на иста линија е и мислењето на професор Златко Арсов, професор на Земјоделскиот факултет.
„Влезот на големите компании за производство на цигари како Филип Морис и Империал значат многу за Македонија. Овие компании не се дојдени тука случајно, тие сметаат дека Македонија има перспективи за производство на квалитетен тутун, посебно ориенталски, дека нашата држава води сметка за тутунопроизводителите но и за тутунската индустрија, за разлика од многу земји во Европа каде дури и се затворија компании за цигари“, според мислењето на професорот Арсов.
Според потенцијалите на македонскиот тутун, заедно со мерките кои ги презема владата од разни аспекти, во догледен период ќе има добри ефекти за тутунското стопанство во Македонија.