Поставување системи за наводнување „капка по капка“, изградба на вештачки акумулации, монтирање заштитни мрежи, осигурување на посевите и плодовите се меѓу приоритетните мерки за адаптација на македонското земјоделство кон климатските промени.
Според предвидувањата на Светска банка, во следните 50 години во Македонија температурата ќе се зголеми до 2 Целзиусови степени, што ќе предизвика сериозни климатски нарушувања. Земјоделците во некои региони ќе се соочуваат со постојани поплави, а некаде со суши и ќе мора да инвестираат за да си обезбедат одржливо производство и да си ја осигураат заработката.
Адаптацијата на македонското земјоделство кон климатските промени е во центарот на интересот на караванот на проектот „Локална акција за глобална климатска адаптација“ на Центарот за еколошка демократија „Флорозон“ поддржан од Амбасадата на Германија, кој денеска беше во Скопје.
Земјоделството е меѓу најранливите категории, првенствено поради зависноста на одредени процеси од производството директно од временските услови. Тие влијанија, како што посочи министерот за земјоделство Михаил Цветков, веќе ги чувствуваат македонските земјоделци. За полесно приспособување кон климатските промени, Министерството во моментов работи на проект со ФАО, преку кој ќе се утврдат приоритетите за инвестирање.
„Размислуваме од идната година да се субвенционира 80 проценти од инвестициите во капка по капка. Исто така, во тек се неколку проекти за изградба на брани, го поддржуваме и осигурувањето, како и поставувањето заштитни мрежи за засенчување“, рече Цветков.
Преку проектот со ФАО се очекува да се зајакнат капацитетите на УХМР за да се обезбеди навремена и точна информација за земјоделците какви временски услови да очекуваат. Исто така, преку Агенцијата за развој на земјоделството ќе се спроведува едукација на производителите, а ќе се зголемува и фондот за субвенционирање на мерките кои се насочени против климатските промени.
„Флорозон“ преку проектот поддржан од Амбасадата на Германија деновиве организира карван низ 9 градови во земјава, преку кој ќе ги едуцира производителите кои се ургентните инвестиции што мора да ги преземат за да се прилагодат на новите климатски услови.
Според Кирил Ристовски од „Флорозон“, помладите земјоделци се отворени кон инвестициите, додека повозрасните производители се плашат од новите технологии за кои сметаат дека ќе го поскапат производството.
„Неопходно е да се усвои програма за едукација на земјоделците за поефикасно користење на расположливите мерки што ги нуди државата за да се излезе во пресрет на проблемите во производството предизвикани од климатските промени“, смета Ристовски.
Амбасадорката на Германија, Кристине Алтхаузер, рече дека постојано се разговара и за реализација на други проекти, бидејќи климатските промени се исклучително важна тема која ги тангира сите. Алтхаузер посочи дека германското Министерство за надворешни работи има Климатски фонд за финансирање вакви проекти, со цел да се подигне свеста за животната средина и за климатските промени.