fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Берачи од Албанија ќе ни ги оберат грозјето и јаболката, нашите не сакаат да работат за дневница од 20 до 40 евра

Земјоделците се надеваат дека и годинава албанските берачи ќе дојдат да ни ги оберат грозјето, јаболката... И покрај тоа што дневниците не се воопшто ниски и изнесуваат од 1.200 до 2.400 денари, сепак во државата не може да најдат работници за берба. Нашите не сакаат да работат за овие пари, а земјоделците не можат да им платат повеќе од 2.400 денари поради ниските откупни цени на овошјето

Во државата тешко се наоѓаат работници за берба на овошје. Поради тоа последните неколку години за берба се ангажираат работници од надвор, најмногу од Албанија. Земјоделците се надеваат дека и годинава ќе биде така и оти нема да се затворат границите поради пандемијата за да дојдат албанските берачи да ни ги оберат грозјето, јаболката… И покрај тоа што дневниците не се воопшто ниски и изнесуваат од 1.200 до 2.400 денари, сепак во државата не може да најдат работници за берба.

-Бербата на трпезното грозје почна, а работници нема. Се надеваме дека границите нема да се затворат и албанските берачи ќе дојдат кога ќе почнат интензивните берби на винското грозје и јаболката. И за трпезното грозје за кое треба квалификувани работници за берба, селектирање, пакување во гајби, нема работна сила. Дневниците за работа од 5 до 12 часот изнесуваат 1.200 денари, а за цел ден 2.400 денари, што не е малку со оглед на тоа дека последниве години откупните цени на овошјето се многу ниски, вели за весникот ВЕЧЕР Васка Мојсовска, претседател на Националната федерација на фармери.

Таа додава дека сè зависи од ситуацијата со ковид пандемијата, но има работници кои секоја година доаѓаат во нашата држава за гроздобер и јаболкобер во септември.

-Нашите не сакаат да работат за овие пари, но овие дневници се доста скапи и за нас земјоделците и затоа не можеме да им дадеме повеќе од 2.400 денари. Оние земјоделци кои имаат помали површини сами си го берат грозјето со роднини, пријатели, но тие што имаат поголеми површини и повеќе хектари со лозје, јаболки мораат да ангажираат берачи, објасни Мојсовска.

Во Преспа за берење на јаболка дневно се потребни од 700 до 1.000 работници, а овоштарите не знаат како ќе најдат работници ако се затворат границите и ако не дојдат на помош албанските берачи.

-Ако не дојдат работниците од Албанија тешко нас. Се надеваме дека границите ќе останат отворени и работниците ќе можат да дојдат. Локалното население и покрај тоа што 30 до 40 дена е ангажирано во берба на јаболка нема да може да постигне да ги обере сите јаболка, бидејќи 95 отсто од населението од овој крај има сопствени насади со јаболко, вели еден овоштар од Здружението на овоштари од Преспа.

Оние што имаат да наберат повеќе од 300 гајби ќе им требаат сезонски работници. Обично бројот на работници кои се ангажираат варира во зависност од површината на засадени јаболка. За да се наберат од четири до пет илјади гајби потребни се 5-6 берачи, а има овоштари кој ангажираат од 8 до 12 сезонски работници за берба. Бербата во просек трае 30 дена и ако не се обезбедат работници, можно е поголем дел од јаболката да останат необрани.https://www.vecer.press/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close