Се бара мед од кактусовата долина кај демиркапиското село Kлисура

(Oвој напис е објавен на: February 26, 2017)

Расте интересот за кактусов мед од долината со кактуси во демиркапиското село Kлисура. Домашните и странски посетители на необичната локација, покриена со кактуси, сега освен за овие невообичаени растенија за овие предели, кои растат во природата и цутат напролет, се распрашуваат и за кактусов мед. Расцутените кактуси се рај за пчелите од околните пчеларници и велат дека тие се како маѓепсани од поленот на кактусовите цветови, кои како магнет ги привлекуваат.

se bara med od kaktusovata dolina kaj demirkapiskoto selo klisura

 

– Ова е навистина реткост што го имаме ние во Демиркаписко. Медот од кактусов цвет бил познат уште во дамнешно време по својата природна нутритивна моќ. Според моите сознанија, станува збор за природен регулатор на сите метаболички процеси, вистински еликсир на младоста. Згора на тоа, еколошки македонски производ- вели за „Дневник“ Ивица Велковски, туризмолог од Демир Kапија.

Велковски се согласува дека приказните што се плетат за оваа демиркаписка волшебна атракција, особено таа за разубавувањето со мед од кактус и за пудрата со магична моќ, придонесуваат за повеќе посети на локацијата и за развојот на Демир Kапија како туристичка дестинација.

Тие што имале можност да уживаат во глетката, коментираат дека е прекрасно чувството човек да се најде среде тоа море од кактуси, кое нуди рај за сите сетила. Сите се согласуваат дека кактусите во Демир Kапија заслужуваат да бидат видени. А особено во периодот кога цутат.

Долината на кактусите сега привлекува сe` повеќе туристи. Пределот со кактуси се наоѓа во близина на Демиркаписката Kлисура. Дека расте интересот на домашните, но и на странските гости да ја видат атракцијата на отворено, потврдува и Будимировиќ, проект менаџер во музејот.

Во брошурката што ја добиваат посетителите во демиркапискиот музеј, стои дека до кактусите можете да пристигнете навлегувајќи во средишниот дел на селото Kлисура, кое се наоѓа на 7 километри оддалеченост јужно од Демир Kапија. До селото се доаѓа преку стариот макадамски пат за Гевгелија, кој минува кај железничката станица Kлисура. На почетокот ќе ве пречекаат сенките на илјадагодишните јавори, под кои можете да се напиете ладна изворска вода која истекува од повеќето извори.