Илија Ѓоргиевски-И од семки се живее ако знаеш да сработиш и да продадеш
Ако човек работи од се’ се живее, ама ако седи пред продавница во селото ќе нема за ништо, порачува Ѓоргиевски.
Пелагонискиот земјоделец Илија Ѓоргиевски (66), од селото Логоварди, близу Битола е производител на тутун, тикви, праз, кромид и други градинарски култури. На површина од 4 декари, Илија произведува годишно околу 800 килограми тутун, а на уште 2 декари, тикви за продажба на семки. Овој наш земјоделец на Градскиот пазар во Битола со години може да се најде на истата тезга, за градинарските култури не бара откуп, самиот ги продава во пазарни денови. И оваа есен нуди праз и семки од тикви и тоа од двете сорти со лушпа и без неа. Илија го посетивме во неговиот дом во Логоварди, а во дворот веќе натрупал мали ридови со тикви од најразлични сорти. Тиквите вели ќе ги остави за зимава кога ќе падне снегот да ги чисти семките и да продава на Битолскиот пазар. Годишно продава по 650 килограми свежи семки, од нив околу 400 килограми се без лушпа и чинат 300 денари за килограм, додека тие со лушпа се речиси двојно поевтини. Ѓоргиевски за семките има редовни муштерии.
-Пазарџиите знаат што носам на пазарот, какви се моите семки и редовно купуваат. Знаат дека петок и вторник е ден за пазарење на семки. За да се сигурни дека ќе има да купат пресни, однапред ми се јавуваат на телефон, вели Илија.
Сепак, во овој период од годината, градината со праз му е главна преокупација на Илија.
-Над четириесет години се занимавам со земјоделие. За цело време произведувам праз и од тоа не се откажувам. Годишно садам до 25 илјади корења. Расад за праз вадам околу 800 килограми. Некогаш главица праз оди за 5 некогаш за 10 денари. Пресметката е јасна. Од празот може убаво да се живее, но зависи од пазар до пазар. Ако човек работи од се’ се живее, ама ако седи пред продавница во селото ќе нема за ништо. Празот што јас го произведувам е квалитетен, без хемикалии и без црвчиња, а тоа најдобро го знаат муштериите, вели Илија.
Овој наш земјоделец смета нивите се богатство кое треба да се пренесува од генерација на генерација, а не да се продаваат.
-Ниви не продавам, ќе им ги оставам на ќерките. Јас сметам дека земјата не треба да продава, не ја продаде ни мојот татко, туку мене ми ја остави. Сега земјата во Пелагонија оди евтино. Еден метар квадратен е 1 евро. И да земеш неколку илјади евра од нива, ќе ги потрошиш парите и што си направил? Ништо. А земјата е секогаш земја. Еве ќе направам споредба, од една тиква вадам семки што ги продавам едно евро, и како да дадам еден квадрат земја за 1 евро?, вели Илија и порачува младите да работат и да се занимаваат со земјоделие, да не ги оставаат нивите.
-Државата мора повеќе да внимава на младите, да ги мотивира да се занимаваат со земјоделие, да им дава субвенции и да ги врзи за селото, порачува овој наш искусен земјоделец.
А. Блажевска