Како земјите од регионот се справуваат со свинската чума
Србија има двегодишно искуство со африканската свинска чума.
Ветеринарната комора на Република Северна Македонија беше домаќин на делегации од ветеринарните служби и институции од Република Србија и Република Хрватска. Директорот на Ветеринарната комора, д-р Томислав Николовски на прес-конференција информираше дека состанокот ќе го искористат да разменат мислења, состојби и информации што се од интерес за државата, по појавата на африканската свинска чума.
Д-р Мишо Коларевиќ, претседател на Ветеринарната комора на Република Србија и директор на Ветеринарниот институт во Краљево изјави дека Србија има двегодишно искуство со африканската свинска чума.
– Во моментов, до негде е стабилна состојбата, но имавме и случај со појава на една поголема фарма каде мораше да бидат отстранети 20.000 свињи. Тоа е и најголемата опасност, таа да пробие во интензивното производство бидејќи во тој случај има големо економско влијание, рече Коларевиќ.
Во однос на мерките тој препорача дека кога е во прашање африканската свинска чума, нема специфична терапија ниту вакцина, па затоа е потребно да се практикуваат био-сигурносни мерки, што подразбираат контрола на увозот, дезинфекција, дезинсекција, одговорно однесување на сопствениците на животните, со што ќе се намали ризикот од болеста.
Претседател на Хрватската ветеринарна комора, д-р Иван Земљак истакна дека со појавата на африканската свинска чума во Европа во 2019 година, Хрватска започна да спроведува категоризација на сите сопственици на свињи и издаде препораки за био-сигурносни мерки со цел да спречат контакт на домашни и диви свињи.
– Оваа година имаше отстрането голем број на диви свињи, со цел да се намали бројот и да не дојде до појава на болеста, додаде тој.https://nezavisen.mk/kako-zemjite-od-regionot-se-spravuvaat-so-svinskata-chuma/