fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Кај голем дел од лозјата во Тиквешко резидбата завршена пред „Свети Трифун”

Кај голем дел од лозјата во Тиквешко резидбата на виновите лози е завршена пред верскиот празник „Свети Трифун”, кој се смета за заштитник на лозарите и винарите, а на кој, многумина симболично стартуваат со „кроење”.

Ова денеска го изјави за МИА, Дане Јошев, претседател на регионалното здружение „Тиквешки лозароовоштари”.

– На големо се работи во лозјата во Тиквешко. Лозарите кројат и пред „Свети Трифун”, празникот кој се одбележува на 14 февруари. Со резидба порано започнаа оние кои имаат поголеми плантажи со винови лози па не можат да чекаат, оти ако чекаат, нема навреме да ја завршат оваа операција. Тие мораа да ги „кројат” лозјата, не може да го чекаат празникот кога на симболичен начин традиционално се стартува со оваа операција, со која започнува новата лозарска сезона, појасни Јошев.

Тој нагласи дека лозарите ќе го слават празникот, но дотогаш ќе го искористат времето за да ги поднамалат работите во нивните ниви. Јошев додаде дека помалите производители на грозје сепак ќе го почекаат празникот и до крај ќе ја испочитуваат традицијата, во највинската област на државата.

– Лозаропроизводителите кои имаат поголеми парцели со винови лози мораат да побрзаат со кроењето и поради една друга причина, којашто станува се поактуелна во регионот. Имено, голем број од аргатите кои во минатото можеа да бидат ангажирани околу резидбата и изнесувањето на искроените лозови прачки од лозјата, сега се вработија во германската фабрика Дрекслмаер во Кавадарци и тешко може да се дојде и до слободна аргатска рака. Се менуваат работите на пазарот на трудот во Тиквешко, па сега или не можете да најдете добар аргат, или се соочувате со зголемени цени за услугите за аргатска работа, дециден беше Јошев. /МИА

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close