Жените земјоделки дискриминирани – изоставени од правото за платено породилно отсуство
Марија Мачевска живее во селото Робово, има 23 години и е мајка на две деца. Сепак, како регистрирана земјоделка, таа нема право на платено породилно отсуство.
Без право на платено породилно отсуство се жените регистрирани како земјоделки. Со проблемот се соочуваат со години и велат дека се чувствуваат дискриминирани во однос на другите македонски граѓани. Поради тоа, некои од овие жени размислуваат и да се откажат од земјоделството.
„Не знам зошто, не ми дадоа. Само од државата што дадоа 5.000, за прво дете. За породилно не ми следуваше, зашто сум земјоделка“, вели Мачевска.
Марија е само една од повеќето илјади жени што се регистрирани како земјоделки. Работат на нивните семејни фарми, се грижат за своите семејства, плаќаат за здравствено осигурување, но за нив не важат законските девет месеци платено отсуство поради новороденче.
„Кога моите деца беа мали, бебиња, кога јас требаше да земам породилно, не земав. Како млада тогаш ме погодуваше и до ден денес ме погодува оваа тема и овој закон, зашто ми делува дискриминирачки“, укажува Вангелина Пармачка од селото Будинарци.
Од Федерацијата на фармерите, укажуваат дека таа категорија жени се неоправдано изоставени од Законот за здравствено осигурување и дека проблемот опстојува со години.
„Реално, ние постојано притискаме, но цело време има некоја кочница поради која во сиот овој период не се направила таквата промена. Треба да се застане и овој закон убаво да се разгледа. Да се увиди кој механизам би се искористил и тие граѓани, како испуштена категорија, да се вратат во рамките на членовите 14 и 15 во Законот за здравствено осигурување“, вели Билјана Петровска Митревска од Националната федерација на фармери.https://mk.voanews.com/a/voa-zeni-zemjodelki-bez-porodilno-otsustvo/6435904.html