Енвер Алими-За 90 проценти намален бројот на млекопроизводители последните шест години во кичевско
Се повеќе земјоделци заминуваат во странство, а со тоа бројноста на кооперантите е во континуиран пад, вели фармерот Алими и ги потенцира бројките кои ја потврдуваат неговата констатација.
Иселувањето на жителите од кичевско и заминувањето во странство негативно се одрази и врз млекопроизводството во овој регион. Се помал од месец во месец е бројот на земјоделско население, а тоа најдобро го отсликува и бројот на кооперанти кои произведуваа млеко и кои за неполни шест години се намалија за 90 проценти и од 60 кооперанти останаа само шест, потврди Енвер Алими, сопственик на најголемата фарма за производство и откуп на млеко во Кичевско.
-Бројот на земјоделски производители и производители на млеко во нашата општина континуирано се намалува. Се повеќе земјоделци заминуваат во странство, а со тоа бројноста на кооперантите е во континуиран пад, вели фармерот Алими и ги потенцира бројките кои ја потврдуваат неговата констатација.
-Најсликовит пример за оваа состојба е бројот на производители на млеко во регионот кои во 2016 година ги имаше над 60, а во текот на оваа година нивниот број се сведе на само шест производители на помали количества млеко. Во тоа време јас од кооперантите и од сопствено производство на битолска млекара секојдневно и испорачував по 6000 литри млеко, за денеска количините да се сведат на околу 2000 литри, истакна фармерот, кој причините за намалување на бројот на млекопроизводители ги гледа и во ненавремената исплата на субвенциите и зголемување на откупната цена за предаденото млеко, која моментално е дестимулативна.
Млекопроизводителите со цените на откупеното млеко, посочи тој, воопшто не можат да бидат задоволни, бидејќи откупната цена од 18 денари за литар предадено млеко во количина од над 100 литри и само 14 денари за откупен литар млеко под 100 литри е понижувачка, бидејќи амбалажираната вода во маркетите е двојно поскапа од овој здрав продукт.
– Исто така субвенциите кои следуваа по грло не се исплаќаат навремено, за да можат сточарите да се снабдат со храна по нешто пониски цени, а сега ќе бидат приморани дополнително да се снаоѓаат да изнајдат средства за да ги покријат тековните зголемени трошоци за храна, додаде Алими и посочи дека стравува во блиска иднина целосно да замре млекопроизводството во овој регион, имајќи ги предвид проблемите со кои се соочуваат.https://makpress.mk/Home/PostDetails?PostId=476226