Земјоделците не  се доволно информирани за можностите за осигурување на своето производство

(Oвој напис е објавен на: April 1, 2019)

 

Климатските промени се повеќе се присутни, а земјоделците најмногу ги чувствуваат во своето производство. Поплави , суша, град, мраз се најчестите појави што ги погодуваат. Штетите како последица  од  овие појави се огромни, особено во последните 3-4 години. Во вакви случаи  се наметнува темата  за осигурување на земјоделското производство. Како некое непишано правило земјоделците тешко ги менуваат своите навики. За осигурување почнуваат да размислуваат само кога им е нанесена некоја штета на производството, но и тогаш со голема доза на скептицизам. Иако на пазарот години наназад постојат компании кои нудат полиси за земјоделско производство тешко се одлучуваат за купување на полиса.

„Сум размилувал за осигурување на производството, ама мојот комшија имаше многу лошо искуство. Имаше штета па требаше  државата да му исплати, па излегоа некои проблеми и затоа не ја осигурав нивата со жито“, вели за Зелена берза  еден земјоделец, кој сакаше да остане анонимен.

Не  е  единствен земјоделец што вака размислува. Факт е дека земјоделците не се доволно информирани околу осигурување на земјоделското производство. Ова го потврдуваат и од осигурителните компании.

„ Факт е дека  е потребно организирање на повеќе трибини би информативни средби на кои земјоделците ќе може да се информираат за можностите на осигурувањето. Колку и да е скапо, сепак,  осигурувањето е од голема помош за земјоделците. Сметам дека во иднина полисата треба да стане задолжителна, таа може да им биде од корист, а не штета“, вели Илче Талевски  раководител  во сектор земјодлество во  СН осигурителен брокер  АД Битола.

Секоја година има појави од кои трпи земјоделското производство. На годишно ниво се исплаќаат  од 1  до 1,5 милиони евра за направени штети. Најголемиот дел е во регионот  и  се однесуват  на преспанскиот   регион.

„Може се да се осигура се’, од јаболка, круши, цреши, праски до пченица и пченка, сончоглед, грозје.  Од годинава соработуваме и со Евроинс осигурување, работиме преку нив.  Евроинс   овозможува осигурување на големи површини. Почнавме да осигуруваме осигурување Европа  РЕ, кое опфаќа се’  од суша, грешки од употреба  на хемиски преперати, болести се’. Тие се плаќаат. Но со нив сме сврзани и  со Заводот за статистика. Таму нема проценка од физички лица, туку проценката доаѓа од  тековната година преку заводот.  Осигурувањето на големи површини е поефтино и веќе го има во кавадаречкиот  како и во пелагонискиот регион“, посочува Талевски.

И покрај тоа што постојат разни видови на пакети, односно земјоделците имаат различни можности за осигурување , сепак  тие се плашат. Земјоделците се плашат дека осигурителните компании доколку настане некоја штета нема да им исплати пари за  настанатата загуба.

Од СН Осигурителен брокер уверуваат дека на нивните осигуреници  кои пријавиле штета  по извршената проценка се му било исплатено  како што требало и дека нема потреба од страв при осигурувањето.

„Факт е дека земјоделците имаат големи проблеми во производството и продажбата, па мислат дека осигурувањето е дополнителен трошок.  Нашето искуство покажува  дека оние осигуреници што се осигурале пред три години, доаѓаат и ги обновуваат полисите. Факт е дека тие добиваат од осигурувањето и во наредната година може да работи без страв“, посочува Талевски.

Тој се пожали дека се соочуваат со проблем во добивање на информации од страна на  осигурителните компании за условите кои ги нудат бидејќи и тие немаат информации  од надлежните институции. Наместо до крајот на тековната година да бидат познати сите услови за работа, тој рок се пролонгира и во наредната година, така што брокерските куќи не може  навреме   да ги информираат земјоделците за условите за осигурување. Претходната година тие услови биле познати дури кон крајот на февруари и почетокот на март, во сезона кога требало да почнат осигурувања од пролетен мраз.

„Компаниите обично одат  со некоја франшиза (учество во штета). Таа  варира од  10%  до 30%, услови што ние не можеме да ги менуваме. Земјоделците имаат право колку што сакаат и која што сакаат површина да ја осигураат, но ние не можеме да ги менуваме условите на осигурителните компании“, објаснува Иле  од СН осигурителен брокер.

Сакајќи да ги поттикне земјоделците да ги осигуруваат своите производи и да ги осетат  бенефитите од осигурувањето, државата неколку години наназад субвенционира 60% од износот на полисата. Од СН брокер велат дека им излегуваат во пресрет на земјоделците и со останатите 40% да ги платат на 12 рати. 60% државата му ги исплаќа на компаниите.

„Пример  ако  имаме полиса од 100 000 ден., а земјоделелцот има  штета од  200 000, му исплаќаат 100 000 ден на земјоделецот , се задржуваат тие 60% и кога државата   ќе ги исплати кон осигуритлната компанија , тогаш таа автоматски му ги исплаќа на земјоделецот“ објаснува Талевски.

Од СН брокер уверуваат дека земјоделците треба да пристапат кон осигурување на нивните производи. Доколку некој од нив претрпел штета на осигурениот производ , тогаш земјоделецот треба во рок од три дена да пријави во осигурителната компанија  од каде во рок од пет дена треба да се излези на терен и да се направи физичка проценка. На лице место се прави записник  кој треба земјоделецот да го потпише и се проследува понатаму  на исплата на штета. Доколку пак  земјоделецот не е задоволен од проценката  тогаш поднесува приговор и доаѓа нова комисија за проценка на штетата. Исплата на штета може да се направи само со потпишан записник од страна на земјоделецот.

Павлина Јовановска

 

Share Button