И Халид од Јордан дојде да се повози по пругата за Жабени
Возот оди по новата и модерна пруга, но патниците се ретки. Вработените во „Кромберг и Шуберт“ уште патуваат со автобуси и комбиња и не го користат возот со кој се стигнува за само девет минути до фабриката
БИТОЛА – Младиот Халид од Јордан по двомесечен престој во Македонија чул за пругата до Жабени и денеска, понеделнички го фатил возот за Битола, па дојде да се повози.
И тој чул дека оваа пруга е нова, толку блиску, а сепак далеку од Европа.
„Удобно до крај“ вака го оцени патувањето странецот, кој и на одење за Жабени и на враќање за Битола се смести веднаш зад машиновозачот.
„Два месеци сум во Македонија, Скопје, имате убава земја, луѓето се многу љубезни, лесно се прават пријателства, па пред да си заминам на крајот на месецот во Јордан, сакав да дојдам до Битола. Чув дека имате нова пруга и зошто да не ја видам. Одиме до крај, удобно е патувањето“, ни рече момчето од Јордан.
Него го придружуваше Даниела Талевска од Скопје.
„Често го користам овој воз, зошто обожавам да патувам со воз. Ми кажаа дека пругата е продолжена и решивме да отидеме до крајот на пругата до Жабени. Потоа ќе се вратиме во Битола, ќе прошетаме и назад со вечерниот воз се враќаме за Скопје. Од пругата сум позитивно изненадена, изгледа модерно, софистицирано“, рече Талевска, која организира настани за странци кои престојуваат на подолго време во Македонија.
Патувањето од Битола до станицата до село Жабени која се наоѓа покрај ИЗ „Жабени“ во близина на македонско-грчката граница трае само 9 минути, по новата и современа железничка инфраструктура.
Претпладнето пред 10,30 часот кога отидовме на железничката станица во Битола, а таму речиси празно, само двајца вработени и татко со дете. Билетот за Жабени на шалтер чини 68 денари повратен. Иако поминуваше 10,30, возот од Скопје до Битола доцнеше неколку минути, што значеше дека и поаѓањето за Жабени ќе задоцни. Но, неколку минути доцнење на возот за вработените не се ни за споменување.
„Ќе стигнете навреме во Жабени“, убедува продавачот на билети, со напомена дека возот кој сообраќа од Скопје до Битола, малку доцни, но веднаш заминува за Жабени.
И така беше, возот со три вагони, свирна за Жабени, а во него се качивме само јас и татко со петгодишно дете.
Малиот Огнен Литовски, среќен што го видел возот ја имаше таа слобода да си седне каде што сака, па дури и да прошета по вагоните и да смени неколку седишта и да го испие млекото.
„Овде ми е убаво“, вели Огнен и насмеан се токми за фотографија.
Неговиот татко откако чул за новата пругата, решил да го повози Огнен за да го види возот и да го доживее и тоа чувство. Но, вели добро ќе биде, ако се дозволи во возот да се внесуваат велосипеди, па патниците со воз да доаѓаат до Жабени и од таму со велосипеди за си одат за Битола, по патот Битола – грчка граница што е околу 12 километри.
„Не оставаат да внесуваме велосипеди во возот, инаку би било поинтересно за нас битолчани, да го користиме повеќе возот до Жабени. Вака кратко трае патувањето. Велосипедите ни останаа на железничка“, вели младиот битолчанец.
И додека кондуктерот Адил, ги прегледува билетите, констатира дека со Халид и Даниела, во возот за Жабени има вкупно 5 патници.
Вработениот вели дека некој ден нема ни толку, а за викенд има и нешто повеќе кога битолчани со своите деца и внуци ја користат железницата за да си прошетаа најмладите до Жабени и назад.
Сѐ на сѐ – колку патници толку ангажирани работници.
Возот од Битола до Жабени денеска беше во рацете на Коста Зајков, вработен веќе седум години во Македонски железници Транспорт.
Коста вели дека пругата е одлична, со функционална сигнализација.
„Ова е нова пруга, средено е се’, работат патните премини, сѐ е исправно. Оваа пруга потсетува на Коридорот 10 Табановце – Гевгелија, но сега тој правец треба да се реновира, а овој е нов“, вели машиновозачот Зајков и покажува дека на патните премини рампите се спуштени, возилата чекаат за помине возот, а сигнализацијата функционира.
По пат, додека разговараме, возот запре во првото село до Битола, Кравари, каде на станицата се качи еден патник. Патувањето продолжи, а што би рекле присутните возот „спиеше“ по новата пруга. За девет минути стасавме до железничката станица во Жабени, таму во новиот и модерно направен објект, нѐ пречекаа уште двајца вработени. Објектот не е уште донаместен, но сепак има монитори што го покажуваат возниот ред, шалтер кој сѐ уште не функционира и часовници за да некој не го пропушти возот.
Станицата е покрај ИЗ „Жабени“ и автомобилскиот гигант „Кромберг и Шуберт“, но за жал засега вработените во фабриката, кои ги има близу 6.000 на број во три смени, сѐ уште патуваат со автобуси и комбиња. Од Жабени до грчка граница пругата е сосема нова, но како што велат од железници инфраструктура Грците засега не гледаат интерес од отворање на границата.
Патниците на станицата во Жабени не можат да купат и да се напијат ни кафе, ни сокче, за тие петнаесетина минути додека се таму, оти како што велат вработените, нема фреквенција на патници.
По кусиот разговор меѓу патниците и вработените, кои патем наликуваат на туристички водичи со објаснувања и за пругата и за возот, кондуктерот повика за назад. Возот од Жабени за Битола тргна во 11 часот, и веќе за десеттина минути бевме Битола на железничката станица.
Ако ништо повеќе возот за Жабени отвори простор за нови пријателства, размислуваат гласно дел од присутните.
Јорданецот Халид задоволен од патувањето тргна пеш низ Градскиот парк да го види Широк Сокак, а малиот Огнен пресреќен од доживувањето го јавна велосипедот, побогат за уште едно животно искуство.
На шега, дел од присутните во возот се сложија дека како тргнала работата, возот од Битола за Жабени ќе му ја земе „работата“ на вовчето „Мечо“, кое го најави општина Битола како атракција за битолчани и туристите кои треба да го разгледуваат Широк Сокак до Зоолошката градина и назад.
А.Блажевска