fbpx
Агро бизнисБез категоријаВести

Се нуди работа во странство сосе бесплатно овошје и вежбалници

Нашите работници се барани од Словенците, Црногорците, Хрватите, Србите, Бугарите…

Сезонската работа на море е во полн ек. Според некои процени на агенциите што нудат сезонска работа, од Македонија заминуваат од 15.000 до 20.000 работници да работат во летниот период. Но, веќе сè почесто се бараат и работници за во производни погони, магационери, дистрибутери… Во моментов  на македонските платформи за вработувања има повеќе активни работни места. Има и такво во кои се нуди сè и сешто како гаранција за пријатната работна атмосфера – од соленки и овошје до персонални тренинзи за личен развој.

Наши работници бараат Словенците, Црногорците, Хрватите, Србите, Бугарите… Но, она што е интересно е што овде не станува збор само за сезонски огласи, туку и за понуди за трајни вработувања. Такво вработување нуди пекарската индустрија во Словенија „Дон Дон“. Преку македонска платформа се бараат работници што ќе работат на целиот процес, од автоматска изработка на леб до негово пакување во погон во Гросупље. Во Крањ, пак, се бараат работници за изработка на крофни и сендвичи. Според словенечката компанија, се бара работно искуство, подготвеност за работа на смени, знаење на српскохрватски јазик, а нудат редовна плата и осигурување, поврат на патни трошоци и трошоци за храна, регрес за годишен одмор и бонуси. Колкава е платата не е наведено, но според последните податоци на Државниот завод за статистика на Словенија, просечната бруто-плата во оваа земја е 2.182 евра, а просечната нето-плата е 1.418 евра. Стапката на невработеност во Словенија е само 3,8 проценти.

Словенците на 7 и 8 јули во Скопје и во Битола организираа отворени денови за претставување на словенечките работодавачи, со цел нашите заинтересирани работници да се поврзат со нив, а настанот предизвика солиден интерес.

Хрватите почнуваат да ги „врбуваат“ сезонските работници уште од февруари и главно се снабдени со нив, но сепак повремено преку социјалните мрежи, или преку веќе заминати работници таму на работа, дополнително бараат наши работници. Но, на нашите платформи се активни и нивни вработувања „на долги патеки“. На пример, во моментов се бараат двајца возачи со Ц и со Е категорија за возење низ Хрватска, но и низ Западна Европа. И овој пат не е наведена платата. Просечната нето-плата во Хрватска е 1.122 евра, додека просечната бруто-плата е 1.547 евра, покажуваат податоците за април на словенечкиот завод за статистика. Таму просечната стапка на невработеност е 5,6 проценти.

Црногорците не може да најдат месари. Нивната месна индустрија има понуда во која платите се јавно прикажани. Така, месарите може да заработат месечно од 750 до 900 евра, работниците на пакување од 600 до 700 евра, општите работници од 650 до 800 евра. Но, на вработените им се нуди сместување и еден топол оброк. Наведено е дека постои можност и за прекувремена работа, а со неа се добива уште еден топол оброк. Во Црна Гора просечната нето-плата во април била 978 евра, а нето – 786 евра. Заводот за статистика на Црна Гора има податоци за првиот квартал и таму  стапката на невработеност е 15,5 отсто. И покрај ваквата стапка на невработеност, Црногорците имаат голем проблем за наоѓање работници за туристичката сезона. Тие годинава во нивните медиуми често пишуваа дека Хрватите не само што ги „собрале“ работниците од околните земји, туку и нивните. Од овие причини, некои локали дури и не се отвориле оваа сезона.

Во Србија, пак, се нуди работа во Белград, но како што пишува во огласот, „работата во оваа компанија е како да работите во Лондон“. Станува збор за „Фортрејд“ онлајн трговија, а покрај гарантирано најголема фиксна плата во оваа индустрија, без да се напише износот, компанијата нуди здраво опкружување со служење свежо овошје, платена вежбалница, библиотека и „плејстејшн“ ќоше, тим билдинг на месечно ниво (куглање, излети, возење велосипеди, скара, кино…).  Во Србија просечната бруто-плата е 986 евра, а просечната нето-плата изнесува 715 евра. Стапката на невработеност во првиот квартал е 10,1 процент.

И во центарот за повици во Софија, компанијата што бара работници од Македонија нуди „лондонска атмосфера“. Вработените во „Банско сервисис“ може да сметаат на картички за различни спортски установи и дополнително здравствено осигурување; чести персонализирани тренинзи за максимален личен развој, играчница, соленки, пијалаци, неделен ручек спонзориран од компанијата од врвни ресторани во Софија, годишни настани на ниво на компанијата… И оваа компанија не напишала колкава плата дава, но според Националниот завод за статистика на Бугарија, просечната бруто-плата во април била 999 евра.  Во Бугарија стапката на невработеност е 4,4 проценти.

Според најавите, од 1 јули треба да почне да функционира отворениот пазар на труд меѓу Србија, Албанија и Северна Македонија, што ќе им овозможи на граѓаните на овие земји слободно да се вработуваат во овие три земји. Според  истражувањата на „Монитор“, во Албанија просечната плата е пониска за 40 отсто споредено со другите земји од регионот. Во Србија, пак, просечната плата е поголема откај нас. Последните статистички податоци покажуваат дека просечната нето-плата во април во државава е 36.135 денари, а просечната бруто-плата е 54.177 денари, додека стапката на невработеност изнесува 13,3 проценти.

Извор: Национални статистики
Тагови

Слични написи

Back to top button
Close