Тутунот да се плати за да има кој да го произведува!
Откупната цена на тутунот и немањето на млади земјоделци се главните проблеми за производството на тутун
Се посочуваат два главни проблеми за рентабилноста на македонското производство на тутун и тоа откупната цена, која мора да ги следи скапите трошоци на производство и инфлацијата и промената на демографската структура поради иселувањето. Со други зборови – да се плати и да има кој да произведува. Тоа може да донесе стагнација на производството кај нас. Во периодот од 2010 до 2022 година годишното производство е околу 25 000 тони тутун, стабилизирано на 22 000 до 23 000 тони годишно.
-Нашите производители на тутун најмногу ги мачи откупната цена. Сметаат дека е ниска, и со право, ако се гледа од аспект на трошоците: горивото, вештачките ѓубрива се скапи, а веќе и работната рака стана скапа. Да се донесе аргат веќе е скапа работа. Од тој аспект, ќе има стагнација во нашето производство, освен ако нешто не се промени во откупните цени: да се зголемат, да бидат на некое ниво, да се следи оваа инфлација што владее овој период. Државата дава субвенција по килограм тутун, дава и други мерки како купување механизација, но, државната помош не треба да биде пресудна. Треба откупните претпријатија да ја зголемат цената. Според мене, тука лежи проблемот. Како да се натераат да ги зголемат откупните цени. Ако има мало количество тутун, мора да ја зголемат цената, па и да го зголемиме производството, да стане рентабилно, вели професорот Златко Арсов од Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје.
Она што загрижува, според професорот Мирослав Димитриевски од Институтот за тутун во Прилеп, е демографската структура на населението затоа што во последно време има нагло иселување на населението.
– Тоа би бил еден од моментите што треба да нѐ загрижува и треба да се најде начин да се задржат младите луѓе и да продолжи континуитетот на ова производство, вели Димитриевски.
Експертите предлагаат и други мерки за рентабилност на македонското тутунопроизводство како што се зголемени субвенции и окрупнување на површините.
-Ќе помогнат зголемени субвенции од државата и окрупнување на површините под тутун. Тоа ќе овозможи поголеми површини, поголема примена на механизација за поголема продуктивност во тутунопроизводството, појаснува Гордана Мицеска од прилепскиот Институт за тутун.
МИА