Условите за увоз на наливно и вино во пластична амбалажа се еднакви за сите земји, тврдат од хрватската амбасада во Македонија. Оттаму се децидни дека нема никакви тарифни бариери за увозот на македонско вино и не гледаат потреба Македонија да воведе контрамерки за увоз на хрватските прозводи.
„Со новиот Правилник кој стапи на сила на 06.12.2016 година се пропишува единствена постапка во контролата на вино при пуштање на вино во промет. Со овој правилник постапките и процедурата за пуштање во промет на „домашните вина„ се изедначени со процедурите за вината кои се увезени во Хрватска во рефуз (наливно) и пластична амбалажа, пред нивното ставање во промет. Со еднаков третман на сите вина, било во трговија, било во угостителски објекти – може да се постигне целта на контрола на квалитетот на виното, а тоа претставува уреден пазар на вино и заштита на интерес на потрошувачите. Значи, нема збор за тоа дека се воведени особени нетарифни бариери за увоз на македонските вина и затоа не гледаме никаква потреба за воведување на било какви контрамерки за хрватските производи на македонскиот пазар“, велат од амбасадата на Хрватска во Македонија.
Министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство Михаил Цветков вели дека по средбата со амбасадорката на Хрватска во земјава Данијела Баришиќ, испратил и допис до амбасадата со кој се бара итна средба најдоцна идната недела со хрватскиот министер за земјоделство.Засега сеуште нема повратен одговор дали поканата за средба е прифатена. Фактор побара став од хрватското министерство за земјоделство, но не добивме одговор.
Од хрватската амбасада потврдуваат дека амбасадорката Баришиќ се сретнала со Цветков, и оти на средбата јасно кажале дека условите за увоз се еднакви за сите.
„На средбата на амбасадорот Данијела Баришиќ и министерот Михаил Цветков, министерот се согласи дека увозните постапки треба да се почитуваат, но тој апелира за скратување на рокот. Меѓутоа, повторуваме дека условите се еднакви за сите, независно од земјата на извоз.Со овој правилник, се овозможува поголем број земања на доброволни примероци на вино од увоз, исто така се овозможува период од петнаест дена за време на кои надлежните инспекции, од пратката на виното во мирување, можат да земаат примерок брз основ на анализа на ризик. На тој начин ќе бидат рационализирани трошоци на земање на мостри на виното, за да вино од истата пратка не биде испитувано на повеќе места (во продажба), со што се избегнува повеќекратно земање на мостри на виното од истата пратка“, посочуваат од амбасадата.
Министерот Цветков вели дека ќе ги искористат сите мерки за проблемот да се реши и да не се пристапи кон реципрочни мерки за хрватските производи. Но при тоа посочува дека доколку до крајот на месецов нема слух од хрватските власти, ќе бидат приморани да воведат контрамерки.
„Прво ќе ги искористиме сите мерки и напори со договор да се разбереме во однос на условите од правилникот и секако ако ги исцрпиме сите можности со договор да не може да се реши проблемот, ќе размислуваме за воведување на контрамерки, што искрено не би сакале.Секао ние правиме анализи тие контрамерки дали ќе бидат во интерес на македонското земјоделство.Треба да се направи проценка што ќе добиеме а што ќе изгубиме со тие контрамерки. Но прво да ги искористиме сите можни чекори за со еден мирен начин да го решиме проблемот.Хрватска донесла Правилник за сите земји, но очигледно селективно го применуваат , за едни важат правилата, за други не “, вели Цветков.
Со новите правила се пролонгира периодот на ставање на виното во продажба од 24 часа на минимум 32 дена, а зголемени се и трошоците за дополнителни анализи и за заштита на животна средина. Според информациите од винарските визби, процедурите за пуштање во промет на македонските вина сега траат помеѓу 15 и 45 дена, зависно од винаријата и од увозникот. Во меѓувреме дел од винарските визби кои извезуваат вино во Хрватска велат дека токму поради новите услови ги намалиле количните за извоз во Хрватска. Алармираат дека трошоците кои произлегуваат од новиот Правилник за увоз на вино од трети земји меѓу кои е Македонија, паѓаат на терет за увозникот односно застапникот на макоднското вино во Хрватска, што влијае врз зголемување на продажната цена и го прави неконкурентно македонското вино на хрватскиот пазар.
„ Споредбено со минатата година, ние за 50 проценнти го намаливме извозот за периодот декември – јануари 2017 година. Самите увозници се закочани со набавката со овие правила. И самиот увозник се плаши затоа што 30 до 40 дена му го држат виното за испитување. Во тој период, виното не се пушта во промет и се плаќа лежарнина, со што се оптоварува и цената на самото вино. Ова е нивна заштита на хрватското вино, а најмногу страда Македонија бидејќи извезуваме големи количини во оваа земја“, вели Јани Ќука заменик извршен директор на винарската визба „Сковин“.
Винарските визби бараат итно решавање на проблемот и апелираат до македонските власти да одговорат кон Хрватска со контрамерки за увоз на хрватските производи. Сопствениците на винариниците реагираат што според новиот хрватски правилник не се признаваат нашите инстиуции и пропратни документи за извоз на вино, кои се признаени во сите други земји. При тоа посочуваат дека и порани Хрватска преку разни адмнистративни бариери го отежнувала извозот на македонско вино, но иако регаирале до надлежните институции, никој не преземал мерки за решавање на проблемот, и покрај тоа што се работи за втора извозна гранка која носи девизен прилив од 47 милиони евра годишно.
Новиот Правилник што го донесе Хрватска најмногу ги погоди македонски извозници на наливно и вино во пластична амбалажа. Годишно во Хрватска се извезуваат околу 17 милиони литри вино во вредност од над 11 милиони евра. Хрватска е трета земја зад Германија и Србија каде Македонија извезува наливно вино.
Инаку во вкупниот извоз сеуште поголеми се количествата на извезено наливно вино во споредба со извезеното флаширано вино. И во делот на производството дури 78, 5 милиони литри отпаѓа на наливно вино а само 28,05 милиони литри е флаширано вино.