Инспекторатот истражува кој во Македонија користи забранет пестицид во одгледување зелка
Овој инсектицид не се користи веќе во Македонија, а истиот е изгледа набавен на црн пазар – велат од Министерството за земјоделие.
Државниот инспекторат за земјоделство ќе спроведе вонреден инспекциски надзор кај сите производители на зелка за да се утврди кој користел инсектицид кој не е дозволен во земјава. Пратка со зелка од Македонија пред неколку дена беше вратена од Хрватска, откако тамошните власти откриле висока концентрација на хемикалијата имидаклоприд, забранета во Европската унија, но и во земјава.
– За случајот за пратката со зелка на 17.01.2025 година АХВ (Агенцијата за храна и ветеринарство) доби известување дека е уништена на граничниот премин во Хрватска. Причина за уништување на пратката е присуство на резидуи од пестицидот со активна супстанца имидаклоприд (imadaclorprid). Тоа е системски инсектицид кој припаѓа на класата хемикалии наречени неоникотиноиди кои делуваат на централниот нервен систем на инсектите. Според информациите со кои располагаме, овој инсектицид не се користи веќе во Македонија, а истиот е изгледа набавен на црн пазар – велат од Министерството за земјоделие.
Оттаму додаваат и дека за овој случај се преземаат соодветни чекори, односно, дека Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ) треба да го утврди извозникот и за која пратка станува збор.
– Кај извозникот на таа пратка, фитосанитарниот инспектор ќе спроведе инспекциски надзор со цел да се утврдат производителите од кои е откупена контаминираната зелка. ДИЗ ќе спроведе вонреден инспекциски надзор кај сите производители од кои потекнува зелката за да се утврди кој производител користел нерегистриран инсектицид. Кога ќе се утврди производителот, тогаш на истиот ќе му се изрече соодветна прекршочна мерка. За преземените мерки ДИЗ ќе ги информира Фитосанитарната управа и Агенцијата за храна и ветеринарство. Врз основа на информациите што ќе ги добие АХВ, ќе информира – велат од Министерството.