Аднан Адиловиќ – Не е лесно, ама дома си е дома
Земјоделието со сите свои тешкотии е работа како и секоја друга. Мора да се вложи труд за да се постигнат резултати и од нив да може да се живее. Иако голем број од младите луѓе заминуваат барајќи нешто што е повеќе вреднувано од земјоделството, сепак ги има и оние кои својата иднина ја гледаат токму во него.
Пелагонија
Аднан Адиловиќ е млад земјоделец од с.Лажани општина Долнени. Го сретнавме во продавницата на Синпекс како ги средува документите за новиот трактор. Како млад човек немал многу можности да избира, но затоа се обидел да го прифати она што нему најмногу му одговара. На земјоделието гледа како и на секоја друга обврска кога би ја работел на некое друго место. Новиот трактор од брендот John Deere смета дека во голема мерка ќе му ја олесни работата. Со своите 26 години и она досегашно работно искуство кое го стекнал, смета дека никаде не е лесно. Каде и да се оди треба да се работи. Младите во странство никој не ги пречекува со раширени раце, а и да е така не значи дека работата ќе му биде полесна од одовде, вели тој. Не заминал во странство затоа што и покрај сета мака барем си е дома и свој на своето.
– Немаше друг излез. Живееме во оваа држава и тоа што го има тоа ќе се работи. Младите не сакаат тешко, сакаат полесна работа и заминуваат. Не е лесно и надвор, ама дома си е дома. Како дома нема нигде. Јас би сакал сите да се вратат назад , да работиме сите сложно заедно и да си тераме. Оваа држава треба да се врати во нормала за да не бегаат младите, вели Аднан.
Заедно со неговиот брат одгледуваат тутун на 15 декари земјоделска површина и житни култури на 2,5 хектари. Како што ќе им дозволуваат условите ќе го прошируваат земјиштето, бидејќи само со зголемување на приносите може да се заработи повеќе. Вели дека не е како лани , ама сепак задоволен е од постигнатото, но смета дека државата треба да му помогне секому кој има потреба за да остане на нашите простори да работи.
-Иднината ја гледам во земјоделието. Државата треба да помага и да плаќа на сите што работат, не само на земјоделците. Така младите да не би заминувале од државата и би работеле тука. Работиме со брат ми заедно. Во иднина размислуваме да прошируваме, повеќе земја повеќе пари. Останувам тука па ќе видиме, рече Аднан Адиловиќ и си замина со својот John deere , среќен што и тој ќе има убава и квалитетна машина .
П.Ј.