fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

 Африканската свинска чума го стега обрачот околу Македонија. Со позасилени контроли на малите фарми ќе се подигне заштитата од овој вирус

Додека африканската свинска чума го стега обрачот околу земјава со веќе активни жаришта во Грција во Србија и многу повеќе во Бугарија се засилуваат мерките за заштита од ширењето на оваа болест и на наша територија. Агенцијата за храна и ветеринарство покрај донесените сет законски решенија и мерки продолжува со засилени контроли по свињарските фарми за да се увиди како се спроведуваат биосигурносните мерки кои започнаа уште од 2017 година. Нашата досегашна заштита од ширењето донекаде се должи токму на тоа што, поучени од лошото искуство на соседните земји кои ја потценија превентивата па подоцна скапо ја платија, кај нас веќе се применуваат мерки кои се вообичаени за земји каде ја има болеста.

-Активноста околу биосигурносните мерки продолжува. Веќе ги завршивме сите големи фарми и оние кои се до 60 товеници. Во следниот период ќе се прават контроли кај свињарските фарми кои имаат од 10 до 60 товеника а потоа ќе одиме и кај оние најмалите популарно наречени фарми зад куќа. Крајот на 2018 година донесовме наредба секое одгледувалиште да биде регистрирано и секоја свиња да е обележана со ушна маркица. АХВ има набавено и опрема за итни мерки во случај да имаме појава на вирусот да може бргу да се реагира и да се спречи евентуално ширење, рече директорот на агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов.

Депопулацијата на свињи која се спроведуваше лани ќе продолжи како мерка и годинава. Сите сопственици на свињи кои имаат такви одгледувалиште кои не ги исполнуваат биосигурносните мерки ќе добијат можност сами да ги однесат во кланица свињите или тоа ќе мора да го направат по наредба на инспекторот.

-Од оваа година за прв пат ќе почне да се применува и посета од страна на ветеринари на одгледувалиштата кои ќе имаат задача да ја согледаат здравствената состојба на животните. Во исто време ќе вршат и едукација како да се заштитат животните но ќе има и стручно лице на фармата за откривање на први симптоми за рано откривање на евентуалната појава на болеста и спречување на нејзиното ширење, додаде Атанасов.

За да се обезбеди полесна трговија во време кога цените на свинското месо вртоглаво растат и имаат тенденција и натаму да растат заради недостигот на пазарот АХВ веќе направи регионализација на земјава и како таква ја достави до Брисел. Во случај на евентуална појава ќе може само одредениот регион да се справува со болеста додека другите да функционираат нормално и да не трпи целата држава последици. На денешниот симпозиум за сериозната закана од африканската свинска чума искуства и мислења разменуваа научници од земјава и од регионот, првите луѓе на ветеринарните агенции на Бугарија и Србија како и претставници од Грција, Романија и Чешка. Заклучокот е дека мора на превентивните биосигурносни мерки најмногу да се стави фокусот за да се спречи ширењето на болеста.

-Проблем кај државите од регионот се уште трае со полн интензитет и ова ни покажува дека ако се појави болеста нема да има паузи туку ќе биде битка со години. Сето ова што го правиме и со ваквите научни симпозиум и размена на искуства е да се обидеме што може покасно да се појави кај нас и доколку се појави да имаме потполн капацитет да се справиме со нејзиното ширење. Целиот сектор е многу загрижен, веќе сите интересира што се презема да ја контролираме состојбата. Нема друго време со вака атрактивни цени кои за сите производители се привлечни. Многу луѓе сега одлучуваат да инвестираат но и ризикот е многу голем заради цените кои се до небо отидени рече Професор Владо Вуковиќ од Факултетот за земјоделски науки и храна.

Мерките кои се преземаат и времето ќе покаже дали ќе останеме остров на кој болеста нема да се прошири и оваа лоша ситуација ќе ја претвориме во позитивна состојба за нашите фармери.

З.Б.

Слични написи

Back to top button
Close