fbpx
Агро бизнисВестиВкусот на традицијатаМакедонијаТоп вести

Агенциите за привремени вработувања го празнат буџетот за плати во јавните претпријатија во Битола

Наместо директно вработување, нововработените се ангажираат преку Aгенции за привремени вработувања на кои им се плаќаат дебели провизии

БИТОЛА – Неиспочитувани правни процедури или политички инает ги кочат вработувањата во јавните претпријатија во Битола, па наместо директно вработување, нововработените се ангажираат преку Aгенции за привремени вработувања. Ваквиот начин на вработувања одлева дел од буџетот за плати од јавните претпријатија на конто на агенциите за привремени вработувања во државата. Вработувањата тешко поминуваат во Советот на Општина Битола и за нови пожарникари, иако со пожарите ова лето јасно се виде дека таму вработувањата се целосно оправдани, објави nezavisen.mk

Но, во реалност, ако помине планот за вработување на едно јавно претпријатие, не поминуваат кај советниците финансиските планови и плановите за работа. Со парцијално прифатени планови проблемите остануваат или се пролонгираат. Парите на битолчани, пак, наместо во јавните претпријатија завршуваат во џебовите на приватни агенции од Прилеп и Скопје.

ЈП „Водовод“ Битола во 2021, имало 224 вработени, во моментот има 200 вработени односно 24 лица помалку. Преку Агенција за привремени вработувања има ангажирано 12 лица за кои месечно се плаќа агенциска провизија од 31.864 денари, односно на годишно ниво над 6 илјади евра.

Во ЈП „Комуналец“ Битола, во 2021 имало 305 вработени, во моментот има 269 вработени, односно 36 лица помалку. Преку Агенција за привремени вработувања има 29 лица за кои месечно се плаќа провизија од 150.000 денари, односно на годишно ниво приближно 30 илјади евра.

 

 

„Се бараат начини да се подобри хигиената во градот, значи делови во градот ќе немаат можност да бидат чистени од ‘Комуналец’, помалку луѓе на терен ќе значи помала чистота во градот“, образлагаат од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

„Само во ‘Водовод’ и ‘Комуналец’ има 60 лица помалку вработени од 2021 година. Кога ќе се собере агенциската провизија која ја плаќаат за вработените во ‘Водовод’, ‘Комуналец’ и ‘Паркинзи’ на годишно ниво се издвојуваат близу 40.000 евра, трошоци кои ќе продолжат да се плаќаат и во 2025 година, бидејќи за овие јавни претпријатија не се изгласани плановите за вработувања и финансиските планови. Ова е класично правење на штета во јавните претпријатија и граѓаните на Битола“, вели Бојан Бојкоски координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

И во ЈП „Паркинзи“ во моментот има 6 лица кои се вработени преку Агенција за привремени вработувања за кои месечно се плаќа агенциска провизија од 19.200 денари, односно на годишно ниво под 4 илјади евра.

Вчера на вонредна седница на Советот на Општина Битола поминаа годишните планови за вработувања во „Комуналец“ и „Водовод“ за 2025 година. Тоа подразбира 6 нововработени комуналци и еден градежник во водоводното претпријатие што е далеку од потребната бројка за нови работници.

„Врз основа на заклучоците кои ги донесе овој Совет на последната седница, ‘Комуналец’ и ‘Водовод’ доставија до нас изменети планови за вработување…До крајот на годината има три месеци, слободно ‘Комуналец’ може да си изготви план за вработување за 2024 година“, рече Габриела Илиевска од „Поинаку“.

Мнозинството во Советот не го гласаа планот за вработување на нови пожарникари во ПП единица во Битола.

Битолско, Пелагонија и Баба Планина ова лето гореа во сериозни пожари, а во гаснењето помагаа доброволци и граѓани. Противпожарната единица од Битола во овој момент брои 41 пожарникар, што значи според бројот на жители недостига кадар за правилно и навремено функционирање. Од единицата велат дека по правилникот треба да бројат најмалку 65 пожарникари, односно 1 пожарникар на 1.500 жители, со оглед на тоа што екипата ги покрива и соседните рурални општини. Пожарникарите годишно во просек имаат 700 до 800 интервенции.

„Општина Битола нема да има пожарникари за вработување идната година. Тогаш ќе се молиме на Господ да заврни и да ни е напомош од пожарите. Единствени виновници ќе бидете вие, оти ние гласавме“, обвини Бојкоски.

Од советничката група на СДСМ велат дека вработувањата во јавните претпријатија се потребни не како квалификувани кадри, туку за во администрација. А за нови пожарникари сега се согласни.

„За 30 или 40 пожарникарите сме спремни да го изгласаме планот, кога ќе биде спремна и општината“, рече Борче Корлевски од СДСМ.

И претседателката на Советот Илиевска сега чека нов план од Општина Битола за пожарникарите.

„За жал до овој Совет во законски рок не се достави изменет план за вработување на Општина Битола со кој што се сложивме, иако не изгласавме заклучок дека Општина Битола има неопходна потреба за итно вработување на пожарникари во општината“, се согласи Илиевска.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close