fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Стандардот во Македонија лани се подобрил, но сѐ уште не е ни половина од просекот во ЕУ

Минатата година стандардот во нашата земја бил 49 отсто од просекот на ЕУ, додека една година претходно, во 2020 година бил 43 отсто, покажуваат податоците на Евростат

Стандардот на граѓаните во  Македонија минатата 2021 година бил нешто подобар во однос на една година претходно, но и натаму значајно заостанува зад просекот на Европската унија, покажуваат процените што ги објави Европскиот завод за статистика Евростат. Така, минатата година стандардот во нашата земја бил 49 отсто од просекот на ЕУ, додека една година претходно, во 2020 година бил 43 отсто, покажуваат податоците на Евростат.

Податоците покажуваат дека Македонија и натаму е на самото дно според стандардот меѓу земјите во Европа. Полош стандард од нашиот имаат граѓаните на Босна и Херцеговина, каде што нивото е 41 отсто од европскиот просек и на Албанија, која е најлоша со 39 отсто. Стандардот во Србија е 52 отсто од просекот на ЕУ, во Бугарија е 63 отсто (најниско меѓу земјите членки на ЕУ), а во Хрватска е 73 отсто. Косово не е опфатено во податоците на Евростат.

Евростат го мери стандардот според вистинската индивидуална потрошувачка по глава на жител, што покажува колку стоки и услуги потрошиле поединците, дали самите платиле за нив или трошоците се на товар на државите или невладините организации, посочува Европскиот завод за статистика.

Фактичката индивидуална потрошувачка (Actual individual consumption – AIC) по глава на жител се изразува во стандардите за куповна моќ, вештачка валута која ги елиминира разликите во цените меѓу земјите.

И минатата година, Луксембург забележа највисок стандард, изразен во реалната индивидуална потрошувачка по глава на жител, 46 отсто повисок од европскиот просек, според првата проценка на Евростат. Зад него се Норвешка (која не е членка на ЕУ) со 26 отсто, Данска со 21 и Германија со 20 отсто над европскиот просек.

Најблиску до просекот на Унијата се Италија, Литванија и Кипар.

Чешка, Словенија, Полска, Шпанија, Португалија и Романија заостануваат во просек по околу 15 отсто.

Хрватска е во групата земји со најнизок стандард во 2021 година, изразен во фактичка лична потрошувачка по глава на жител, за 27 отсто пониска отколку во ЕУ. Во 2020 година беше за една третина помала.

Летонија, Унгарија и Словачка со стандард околу 30 проценти под просекот на ЕУ.

Бугарија, исто така имаше најниско ниво на реална лична потрошувачка по глава на жител и минатата година, 37 отсто под просекот на ЕУ.

И во однос на домашниот бруто-производ по жител, Македонија е на дното со 42 отсто во однос на европскиот просек, што значи дека е за 58 проценти помал од просекот на ЕУ. И тука нешто сме подобри од Албанија каде што БДП по жител е за 68 проценти под просекот на ЕУ и БиХ со 67 проценти под ЕУ просекот. Подобри од нас се Србија, која е 56 проценти под просекот на ЕУ според БДП по жител, Црна Гора со 53 проценти под ЕУ просекот и Турција каде што БДП по жител е 36 проценти под просекот на ЕУ.

Во ЕУ нема промени – и минатата година Луксембург ја потврди својата позиција како земја со највисок БДП по глава на жител, повеќе од два и пол пати повисок од просекот.

 

 

Евростат потсетува на големиот удел на странски работници во работната сила на кнежеството.

„Иако овие работници учествуваат во создавањето на БДП, тие не се вклучени во резиденцијалното население што се користи за пресметување на БДП по глава на жител“, се потсетува во извештајот.

Луксембург се издвојува значително помалку од просекот на ЕУ во категоријата вистинска индивидуална потрошувачка бидејќи странските работници трошат приходи во нивните матични земји, објаснуваат статистичарите.

На второ место е Ирска со БДП по глава на жител повеќе од двапати од просекот на ЕУ, додека во Данска и Холандија тој беше за една третина повисок.

Во Шведска го надмина просекот за околу една четвртина, а во Белгија, Австрија и Германија за една петтина.

Најблиску до просекот се Франција, Малта и Италија.

Во Литванија, Естонија, Шпанија и Кипар, БДП по глава на жител беше 10 до 20 отсто под просекот минатата година, а во Полска, Унгарија, Португалија, Романија и Латвија за 20 до 30 отсто помал.

Во Хрватска, БДП по глава на жител минатата година беше точно 30 отсто помал од просекот на ЕУ. Ова го намали јазот со Унијата за шест процентни поени во однос на 2020 година.

Најблиску до Хрватска се Латвија и Словачка, кои заостанаа зад просекот за 29, односно 32 отсто.

Најнизок БДП по глава на жител е забележан минатата година во Грција и Бугарија, 35 отсто, односно 45 отсто помал од просекот на Унијата, според проценките на Евростат.https://nezavisen.mk/standardot-vo-makedonija-lani-se-podobril-no-s%d1%90-ushte-e-pod-polovinata-od-prosekot-vo-eu/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close