АХВ домаќин на Форумот на директори на ветеринарните служби од земјите од Западен Балкан
Двата дена ќе се дебатира за состојбата со болестите кај животните во Западен Балкан и статусот на слободни земји од одреди болести, со акцент на класична свинска чума, чумата кај малите преживари и болеста беснило.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денеска и утре ќе биде домаќин и претседавач со вториот Форум на директори на ветеринарните служби од земјите од Западен Балкан зa комуникација и соработка што ќе се одржи во Охрид.
Форумот е под покровителство на регионалниот проект „Регионална акција на ЕУ за искоренување на болести кај животните во Западен Балкан“, финансиран од Европската унија и на него ќе учествуваат високи претставници од Генералниот директорат за здравје и безбедност на храната при Европската комисија, Светската организација за здравствена заштита на животните (OIE), Европската агенција за безбедност на храна (EFSA), од ветеринарните власти од Албанија, БиХ, Црна Гора, Косово, Србија, како и претставници од проектот покровител на форумот.
Двата дена ќе се дебатира за состојбата со болестите кај животните во Западен Балкан и статусот на слободни земји од одреди болести, со акцент на класична свинска чума, чумата кај малите преживари и болеста беснило. Објаснети ќе бидат и програмите за системот на официјални контроли за справување со беснилото кое се пренесува преку кучињата, подобрувањето на пасивниот надзор на болеста и анализата на податоците за Западен Балкан.
Во однос на птичјиoт грип презентирана ќе биде состојбата во секоја од земјите учеснички на форумот и во Европа, а од страна на проектот покровител, ќе биде претставен предлогот за подготовка на кохерентна стратегија за контрола на оваа болест.
И африканската свинска чума ќе биде во фокусот на интересот на учесниците на форумот на кој ќе се дебатира и за креирање на регионална кампања за оваа болест, за која ќе биде презентирана епидемиолошката состојба во Европа и Западен Балкан. Дефинирани ќе бидат и идните полиња и приоритети за регионална соработка и комуникација, со цел преземање координирани мерки за превенција, заштита и искоренување на болестите кај животните.
Разменети ќе бидат и искуства од работењето на надлежните ветеринарни служби од регионот, а избран ќе биде и новиот копретседавач за наредните шест месеци.