вестиМакедонијаТоп вести

АХВ го одбележа 28 Септември- Светски ден на борба против беснило

Одговорно чувајте ги милениците. Нивното одгледување не е и не смее да биде само мода или забава. Вакцинирајте ги кучињата и мачките и против беснило, така ќе го заштитите нивното, но и сопственото здравје. Вакцинацијата против беснило и обележувањето на милениците со микрочип се законска обврска. Тоа носи и обврски и одговорност, што значи дека сме одговорни и кон личното и кон здравјето на најблиските, но и кон општеството во целина.

Ова е пораката од денешната тркалезна маса по повод 28 септември, Светскиот ден за борба против беснило, што денес ја организираа Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Ветеринарната комора под покровителство на Светската организација за здравствена заштита на животните ОИЕ. Како што беше речено, треба да се работи уште многу на подигање на свеста на сопствениците во однос на нивната одговорност кон милениците. Сите домашни кучиња и мачиња што се идентификуваат со микрочип, воедно и се вакцинираат, но, задолжително е да се вакцинираат секоја година, не само еднаш со микрочипирањето. Исто така, задолжителна е и ревакцинацијата.

Мотото со кое АХВ се вклучува во глобалната кампања по повод Светскиот ден е „Нула смртни случаи од беснило до 2030“. Кампањата, пак, става фокус на вакцинацијата и соработката, основи на кои АХВ веќе ги реализира активностите против болеста која е еднакво опасна и за животните и за човекот.

– Со Ветеринарната комора и науката, од денешниов настан ја испраќаме пораката дека целта – нула смртни случаи од беснило до 2030-та може, мора и ќе ја постигнеме заедно. Позитивната епидемиолошка состојба со болеста кај домашните и кај дивите животни е резултат на континуираните активности кои ги преземаме како држава и како институција за држење под контрола на болеста чие присуство последен пат кај домашните животни во земјава е евидентирано во 2012 година во Радовиш, кога од ова болест беше заболена мачка. Истата година е евидентиран и последниот случај на заболено диво животно, волк во Кочанско, изјави заменик – директорот на АХВ, Фирус Мемед.

Според претседателот на Ветеринарната комора, Томислав Николовски, беснилото е опасна и смртоносна заразна болест која може многу лесно да се превенира со вакцинација.

– Бележиме значаен исчекор со оглед дека пред две години е направена масовна идентификација и регистрација на домашните миленици како предуслов за успешна вакцинација. Но, треба уште многу да се делува на свеста на сопствениците на миленици, да се подигне нивната одговорност од аспект на благосостојбата и здравствената заштита на животните каде клучна е вакцинацијата против беснило, истакна Николовски.

Податоците од АХВ велат дека последниот случај на заболен човек од беснило кај нас е евидентиран во седумдесетите години.

Во земјава се регистрирани 84.949 домашни миленици од кои најмногу кучиња, 81.116.

– Во 2015 година во системот беше идентификувано и регистрирано само едно куче што е доволна потврда за постигнатиот напредок. Кампањата за бесплатно микрочипирање на милениците почна во септември 2018 година и се реализира заклучно со декември 2019 година. За неа беа набавени 100 илјади микрочипови. Кампањата даде исклучително позитивни резултати. Од 4.808 миленици во 2017 година, на крајот од 2019 година се достигна бројка од 48.380. Во соработка со Ветеринарната комора, во претстојниов период ќе ги интензивираме активностите за микрочипирање и вакцинација против беснило на кучињата во руралните средини, особено онаму каде оваа категорија животни се ангажирани во селските стопанства како чувари, пред се на стадата со добиток, истакнаа од АХВ.

Се разгледува и можноста од идната година идентификацијата и регистрацијата, како и спроведените мерки за здравствена заштита и на кучињата во руралните средини, да биде еден од условите за остварување на правото на субвенции.

32 илјади микрочипови кои останаа неискористени во рамки на акцијата за бесплатно микрочипирање на домашните миленици која се реализираше во кампањата септември 2018- декември 2019 година, Агенцијата за храна и ветеринарство ги предаде на ЗЕЛС и со нив ќе бидат покриени активностите за идентификација и регистрација на кучињата во руралните средини. Како што истакна на состанокот претставникот од ЗЕЛС и во услови на пандемија, соработката со Агенцијата за храна и ветеринарство во изминативе месеци се одвивала на максимално високо ниво.

Во соработка со АХВ спроведено е пребројување на бездомните кучиња во општините врз основа на што ќе се направи и поделбата на микрочиповите. Поголемиот број општини од руралните подрачја имаат мали буџети и не се во можност сами да изградат прифатилиште, но, за тоа, законската можност за здружување на повеќе локални самоуправи и изградба на регионални прифатилишта го овозможуваат тоа, за што веќе постојат иницијативи.

АХВ одобри 15 прифатилишта за бездомни животни, а едно е во процедура на одобрување. На едно прифатилиште му е одземена дозволата за работа во 2019 година, а за уште едно годинава во тек е постапка за одземање на одобрувањето

Од 2011 година со финансиска поддршка од ЕУ, АХВ заклучно со лани реализираа 16 кампањи за вакцинација на дивата популација – лисиците против беснило на целата територија на земјава. По секоја кампања се спроведуваше мониторинг со кој се потврдуваше успешноста на вакцинацијата, информираат од АХВ.

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close