АХВ: Немаме известување дека на македонскиот пазар е пласиран сендвич со шунка контаминиран со листерија
„Како одговорна институција за безбедноста на храната, АХВ ја следи состојбата и доколку се јави потреба во најкус рок, во интерес на заштита на здравјето на граѓаните, навреме ќе бидат преземени потребните мерки за евентуално повлекување на производот од пазарот“, велат од оваа институција
Немаме известување од Европскиот систем за известување за небезбедна храна и храна за животни дека на македонскиот пазар е пласиран небезбеден производ, односно сендвич со шунка од словенечки производител контаминиран со листерија, а чиј рок на употреба е до крајот на месецот, информира денеска Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за производот, кој веќе е повлечен од пазарот на Србија и Хрватска.
Според хрватските и српските медиуми, се повлекува сендвич со шунка од 500 грама со рок на употреба до 31.5.2024 година, поради утврдено присуство на бактеријата листерија моноцитогенес.
„Како одговорна институција за безбедноста на храната, АХВ ја следи состојбата и доколку се јави потреба, во најкус рок, во интерес на заштита на здравјето на граѓаните, навреме ќе бидат преземени потребните мерки за евентуално повлекување на производот од пазарот“,
велат од АХВ.
Како што пишува во соопштението од АХВ, станува збор за шунка од словенечкиот производител „Целјске меснине“ ДОО, лот број 1413100, а веледрогеријата е „METRO Cash & Carri“ ДОО.
Повлечениот производ се однесува исклучиво за продавниците на „Метро“ Хрватска, „METRO Cash&Carry“ Србија не го продава наведениот производ.
Производот, како што информира АХВ, а се повикува на Државниот инспекторат на Србија, не е во согласност со Регулативата на Комисијата (ЕЗ) од 15 ноември 2005 година за микробиолошки критериуми за храна, а известувањето се однесува исклучиво на наведениот производ.
Бактеријата листерија моноцитогенес предизвикува заразна болест листериоза, која може да влијае на централниот нервен систем кај луѓето, а кај бремените жени и до предвремено породување. Бактеријата се наоѓа во околината и во цревата на цицачите (освен луѓето), птиците, раковите и пајаците.
Оваа бактерија може да се размножува при прилично ниски температури на складирање (+4°C), а поради силната отпорност и високата концентрација на натриум хлорид, листеријата може да преживее различни процеси кои се користат во преработката на храната.
Контаминираната храна е главниот пат на пренесување на оваа бактерија од околината на луѓето