fbpx
Вести

Акциски план на АХВ во фармите за одгледување свињи – што покажаа резултатите?

Од 1 јануари 2020 година Македонија ќе ја прекине вакцинацијата против „класична свинска чума“, но дури две години потоа, од 2022-ра, очекува да биде прогласена за „земја слободна од ‘класична свинска чума’ во која не се врши вакцинација“ што е, всушност, услов за извоз на свежо месо и живи прасиња во ЕУ.

Ова стои во Акцискиот план на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Оттаму велат дека „класична свинска чума“ во земјава нема, но вакцинација превентивно се уште се врши.

Во меѓувреме свињарството го разбранува друга болест – „африканска свинска чума“ која е вирозна и нанесува огромни штети на комерцијалните фарми.

Лани жаришта на болеста беа потврдени во Молдавија, Романија и Чешка, а во април 2018 првпат болеста се појави во Унгарија. Освен во Бугарија, во регионот на Варна, болеста ја има и во Естонија, Латвија, Летонија, Белорусија, Украина, Полска.

свињи

Ендемски „африканска свинска чума“ е присутна во Италија на островот Сардинија.

Биосигурносни мерки на фармите

Надлежните и одгледувачите на свињи во Македонија се „размрдаа“. Ги засилуваат биосигурносните мерки за поголема заштита. Се врши и категоризација на фармите врз основа на имплементацијата на овие мерки. Процесот покажа дека највисоко ниво на биосигурност како кај современите фарми во Данска, Шведска, Германија,.. има само на две одгледувалишта во земјава.

– Шест од комерцијалните свињарски фарми во Македонија се со висок ризик, односно со многу ниско ниво на примена на биосигурносни мерки, 53 се со среден ризик, а во 25 степенот на спроведени биосигурносни мерки е висок што значи дека ризикот за зараза е низок, вели Билјана Стројмановска од АХВ.

Лани и оваа година се правеше попис на одгледувалиштата на свињи. Притоа, од евидентираните околу 2.000, преброени се 90 комерцијални, кои имаат по најмалку 80 грла.

Биосигурносните мерки се комплекс активности што фармерот треба да ги примени за да ги заштити животните од влез на инфективен агенс (болест) или ако агенсот е веќе влезен на одгледувалиштето, да го спречи и ограничи неговото ширење во и надвор од фармата. Тоа подразбира поставување дезинфекциски бариери при влез/излез на фармата и меѓу погоните, соодветни коридори за утовар и истовар на свињите, посебни јами за мртвите животни и за фецесот, обврзно евидентирање и контрола на оној што влегува и излегува од фармата,…

свињарски фарми

Според Стројмановска која е ветеринарен лекар, мора да има јасно ограничен пристап до одгледувалиштата на свињи, да се влезе на точно одредено место и да се најави доаѓањето. Секој што влегува на свињарската фарма треба да е и соодветно облечен. Не може да влезе без заштитна облека, а тоа подразбира одела за еднократна употреба, навлаки за чевли и задожително миење раце при влез со вода и со средства за дезинфекција. Пожелно е да не се внесуваат предмети (очила, накит, мобилни телефони, камери, апарати,…) зашто тие се потенцијален ризик и треба посебно да се дезинфицират.

Колку повеќе дезинфекциски бариери има меѓу погоните на фармата, толку е поголемо и нивото на биосигурност, односно на заштита од внесување несакани причинители и болести.

свињи

– Дезинфекција на лицата, независно дали се вработени или гости, се врши на секој влез и излез од фармата. Тие треба да поминат низ дезинфекциските бариери. Многу е битно дезинфекциска бариера да има на самиот влез, независно дали е за луѓе или за возила зашто тоа е примарна заштита. Притоа, контролата на луѓето и возилата мора да е евидентирана и регулирана. Не може кој било да влегува на одгледувалиштето.  Сопственикот на одгледувалиштето треба да го одобри влезот, објаснува Стројмановска.

При влегувањето на фармата е битно да се води и евиденција. Лицето треба да го најави доаѓањето, а при влезот да го потврди присуството – институција од која доаѓа, времето кога е реализирана посетата и зошто. На тој начин е овозможена следливост. Во случај на појава на болест, надлежните институции преку увид во евидентните листови на фармата ќе може да добијат информација кој се доаѓал на фармата, зошто и каде се движел понатаму.

Кога станува збор за транспортот на грлата од/во фармата, добро е специјалниот коридор да се поставува веднаш до оградата, за камионот (транспортното возило) што ги разнесува, воопшто да не влегува во објектот, да може директно од каминот да се внесат на фарма.

свињарска фарма

– Многу е важно каде е поставена утоварната рампа, дали камионите кои вршат дотур на свињи или ги изнесуваат и ги носат на кланица, влегуваат во одгледувалиштето или не. Ако влегуваат, ризикот за внес на инфективен агенс е поголем. На фармата, се знае, најчесто влегуваат ветеринарните лекари кои се грижат за здравствениот статус на животните, надлежните институции кои вршат контрола на работењето на фармата, оние што вршат дотур на храна и што го исфрлаат ѓубрето, дополнува Стројмановска.

Оградувањето на фармата однадвор е, исто така, една од клучните биосигурносни мерки, посебно зашто свињите се животни кои ринат, а тоа ја зголемува опасноста да ја ископаат земјата под оградата и да излезат од другата (надворешната) страна на објектот. И да има бетонски ѕид, зајакнат со бодликави жици, можно е свињите да излезат.

– Оградата е битна и за да се спречи влез на диви животни, на кучиња скитници и неовластени лица кои потенцијално може да внесат болест во одгледувалиштето. И мачки не смее да има иако некои од сопствениците на фармите ги користат за справување со глодарите. Секое животно освен прасињата е потенцијален преносител на некаква болест, напоменува докторката.

свињарска фарма

Посебни правила има и за изметот на свињарските фарми, како и за начинот на нештетно отстранување на угинатите животни. Дали тоа ќе биде во јама ископана во дворот на одгледувалиштето, надвор од дворот или ќе има склучено договор со некое јавно-комунално претпријатие задолежно за земање на труповите, се остава да одлучи на сопственикот на фармата согласно потребите и можностите.

Изнесувањето на фецесот, пак, треба да е со специјални цистерни кои го транспортираат во соодветни јами, а може да се расфрла и директно по нивите ако животните се здрави. Фецесот во јамата се остава да ферментира неколку месеци со што, практично, се автостерилизира.

„Агро софт“ во Велешко, една од фармите на кои е извршена категоризација, продолжува со инвестирање во бисогурносни мерки.  Дополнителни три милиони денари ќе вложат сопствениците за максимална заштита на одгледувалиштето според најсовремените принципи.

– Комплетно ќе ги подобриме биосигурнсните мерки. Тоа значи посебен коридор за камионите кои товараат свињи за да нема никакво вкрстување со другите возила, четири нови силоси за храната да се истовара на влез и со друго возило да се распоредува внатре, нови гардероби – сите работници ќе мора да поминуваат низ туш кабина и дезинфекција на влез, излез, како и пред секоја хала, ќе се потпишуваат изјави,… Целиот бизнис виси на конец ако не го направиме тоа, вели Александар Стојанов, сопственик на „Агро софт“.

свињарска фарма

Тој смета дека големите фарми во Македонија имаат имплементирано биосигурносни мерки скоро во целост, 80 – 90 отсто, и дека ризик, всушност, се помалите одгледувачи кои располагаат со по  две, три, пет свињи, како и ловџиите чие движење потешко се контролира.

– Со биосигурносни мерки планираме да бидат опфатени сите фарми. Прво, секако, тие што се со најголем ризик, големите. Со новите законски измени мерките ќе станат обврска и за малите фарми. Но, ова се чекори што постепено ќе ги преземаме, вели ветеринарот Вања Кондратенко од АХВ.

АХВ изготви и Прирачник за подобрување на биосигурносите мерки на свињарските фарми. Прирачникот ќе биде дистрибуиран до секој сточар-одгледувач на свињи.

прирачник свињи

– Освен биосигурносните мерки, ќе се зајакне и системот на евиденција. Сакаме точно да се знае каде и кој се чува свињи. Се преземаат сет активности за регулирање на оваа проблематика, подвлекува директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов.


 

faktor

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close