Акциите и промоциите се враќаат во маркетите
„Гарантирана цена“ на основните производи до крајот на годината
Министерот за економија најави дека на владина седница е одлучено мерката за намалување на цените и ознаката „гарантирана цена“ да продолжи до крајот на годината, а на производителите и дистрибутерите им се враќа и можноста за продажба на прехранбени производи на акции и промоции.
Ознаката „гарантирана цена“ на прехранбените производи, алкохолните и безалкохолните пијалаци ќе стои до крајот на годината. Ова е одлука која е донесена на денешната владина седница, а ја изнесе министерот за економија Крешник Бектеши.
Освен оваа одлука, како што рече Бектеши, решено е и да се укине одлуката за забрана за акции и промоции од страна на производителите и дистрибутерите.
Одлуката за укинување на забраната за акции и промоции, според Бектеши, е донесена затоа што одредени трговци на мало ја толкувале како неможност за давање вакви акции.
„По вчерашната конференција и дискусија со трговците на мало и на големо и производителите, како и со помош на Стопанската комора на Северна Македонија, укината е одлуката во делот на акциите имајќи предвид дека одредени трговци на мало ја толкуваа претходната одлука како неможност за давање акции и промоции. Тоа значи дека сега и производителите и дистрибутерите ќе може да организираат такви акции со цел да ги намалат цените за потрошувачите“,
рече Бектеши.https://360stepeni.mk/