fbpx
Вести

Хомеопатија и за животните

Според најновите законски измени, при превентивното лекување на животните од органските фарми се забранува употреба на хемиски синтетизирани антибиотици, супстанции за поттикнување на растот, хормони и други препарати за контрола на репродукцијата ако месото, јајцата и млекото од нив се пуштаат во промет како органски.

IMG_3964

Фармерите што планираат да продаваат органско месо, млеко и јајца, животните од кои ги произведуваат треба да ги лекуваат само со природни методи и со хомеопатски лекови. Ова е предвидено во најновите измени и дополнувања на Законот за органско земјоделско производство, кои беа донесени во скратена постапка пред распуштањето на Собранието.

Според измените, при превентивното лекување на животните од органските фарми, им се дава предност на природните методи на лекување со фитотерапевтски препарати и хомеопатија, а се забранува употреба на хемиски синтетизирани антибиотици, супстанции за поттикнување на растот, хормони и други препарати за контрола на репродукцијата. Забрането е и користење средства за смирување при нивниот транспорт од едно до друго место, како и електростимулација при натоварување и истоварување.

Од Министерството за земјоделство велат дека со измените и со дополнувањата на текстот на Законот, направено е негово усогласување со европското законодавство.

“Од понудените решенија се очекува поефикасна примена на Законот, како и олеснување на пристапот на македонските органски производи на пазарот во ЕУ”, ни рекоа од Министерството за земјоделство.

Сепак, во Законот е оставен простор за употреба на конвенционалните лекови, но ако се користат тие, ќе мора да се почитуваат строго дефинирани правила, односно ќе им биде одземен органскиот статус.

c4180bd8669b3fe7db36d60d60becb690fdd7a3a

“Во случаи кога фитотерапевтските, хомеопатските и другите природни производи не ја подобруваат здравствената состојба на животното, може да се употребат хемиски синтетизирани алопатски ветеринарни производи, вклучувајќи и антибиотици. Во ваков случај, сите лекувани животни на органската сточарска единица треба да бидат обележани и заведени во книга за водење евиденција на ветеринарни третмани. Лекуваните животни на органската сточарска единица треба да го поминат дефинираниот преоден период пред повторно да добијат органски статус”, стои во изменетиот текст на Законот.

Според законската регулатива, ако сточарскиот производ се става на пазар како органски, животните треба да се чуваат согласно со правилата и постапките за органско сточарско производство, и тоа најмалку: 12 месеци за говеда и коњи, ако се одгледуваат за производство на месо или во сите случаи 3/4 од нивниот дотогашен живот, 6 месеци за мали преживари и свињи, 10 недели за живина за производство на месо, набавена на возраст до три дена и 6 недели за живина за производство на јајца.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close