Албер Рушидовски – „Животот е арен ако работиш“
с.Лажец
Албер Рушидовски од с.Лажец битолско има желба за моќен трактор John Deere и модерна штала.
Албер Рушидовски е еден од ретките жители во с.Лажец битолско кој и покрај сите тешкотии со кои се соочува решил да заработува за опстанокот на неговото семејство на овие простори. Видел каков е животот во странство, ама вели дека каде и да си, треба да се работи.
„Животот е арен ако работиш, ако не работиш нема да имаш. Младите овде се повеќе заминуваат, најмногу во Австралија. Таму има најдобри услови“, вели за Зелена берза Рушидовски.
Има своја фарма со крави која во моментот брои вкупно мало големо, 50 грла. Работата со стока е специфична. Во шталата има работа 24/7, но Албер е еден од ретките кој ги одгледува кравите со „голем мерак“ и вели дека „ако немам крави ќе умрам“, „заразен сум за нив, дење ноќе да сум со нив немам мака“, додава тој.
Моментално има 20 молзни крави и чека останатите јуници да се отелат. Произведува 300 л млеко дневно кое му го откупува битолската млекара БиМилк. Соработува со оваа млекарница и има многу убаво искуство. Советите и консултациите со стручните лица оттаму само му помагаат да произведе поголема количина квалитетно млеко. Не е случајно признанието што млекарата му го врачи по повод „Денот на фармери рекордери на Бимилк“ за Најдобар микробиолошки и хемиски квалитет на млекото. Како што вели најмногу за тоа се грижи неговата сопруга, додека тој е ангажиран околу обезбедувањето на храна за кравите.
„Секој ден идат од Бимилк и ми го земаат млекото. Водиме многу сметка за квалитетот на млекото. Мора да е чисто кај кравите и да ги гледаме оти јас јадам од тоа, јас и моите деца пиеме од тоа млеко. Ако се отрујам јас, што остана за другите. Мора да се чисти, му велам на жената колку што можеш земи чисти, гледај да е убо“, вели Рушидовски.
За потребите на своето стадо одгледува пченка за силажа и во зрно, луцерка на површина од 13 ха. Од нив 8 хектари се во негова сопственост, додека останатите ги зема под закуп. Вели дека до лани одгледувал и пченица на површина од 4 хектари, ама оваа година не сее затоа што му ги зеле површините. Не остава ништо на случајноста и се консултира околу исхраната на кравите како со фармери од регионот така и со стручни лица. За да си ја олесни работата набавил и миксер со чија помош ја меша пченката со концетрат и останати премикси за да добие поквалитетно млеко. Со цел да може да ја обработува полесно земјата и да може да обезбеди квалитетна храна за кравите, Албер набавил сè што му е потребно од страна на земјоделска механизација.
Ги следи новините во таа област и вели „ а ми влезе мерак за некоја машина, не спијам дури не ја земам. Имам 5 трактори, плугови, тањирача, приколки, елеватор за пченката, миксер за храна, кои ги набавил од Синпекс Битола. Сакам да имам и ако некој ми побара нешто јас давам“.
Покрај сопругата во активностите многу помага и синот. Тој студира менаџмент, но кога ќе се врати дома и тој работи, мора да помага, додава Албер. Дали и тој ќе продолжи по стапките на таткото не се знае, но што и да сака мора да работи инаку нема да има леб.
Албер има планови и свои соништа. Купил плац на крајот од селото на кое сака еден ден да има современа и модерно опремена фарма. Желба му е да купи трактор од 200КС од брендот John Deere и да обработува 200ха земја.
„Тоа е иднината мора да се работи“ ни рече на заминување Албер Рушидовски радувајќи се на внучињата што постојано се врткаат околу него сакајќи да научат нешто повеќе, особено за тракторите кои им беа најинтересни.
П.Јовановска