вестиМакедонијаТоп вести

Александар Мушев-Откупот на јагнето алармантен, јагнињата растат, а нема абер за извоз

Одгледувачите на овци се загрижени за откупот на јагнињата, домашните трговци им нудат по 110 денари за килограм жива мера, но таа цена за нив е неприфатлива, бараат државата да ја надомести цената до 170 денари за килограм жива мера.

На голема мака се одгледувачите на овци во државата, откако поради корона кризата тешко оди извозот на македонското јагне за традиционалните европски пазари. Сточарите се жалат дека јагнињата ќе им останат неоткупени, а поради ситуацијата трговците манипулираат со цените.

Александар Мушев (30), е млад сточар од штипското село Чардаклија, одгледува над 300 грла овци и токму во овој момент има за откуп преку 200 јагниња. Само во Штипскиот Регион се одгледуваат преку 40 илјади грла овци, а досега е откупен мал дел од јагнињата.

-Состојбата со откупот на јагнето е алармантна, јагнињата растат од ден на ден, а нема абер за откуп. Од Министерството велат во април, но Велигден во католичките држави е две недели порано од кај нас. Кога ќе го откупат, кога ќе оди јагнето во кланица, па да се носи за извоз и да стаса за Велигден. Тоа е невозможно. Според мене како течат работите ова е капитулација за сточарите, се жали сточарот Мушев во разговор за „Зелена берза“.

Според Мушев цената за килограм јагне жива мера е 110 денари, што е ниска и понижувачка цена, ако се спореди со ланската од 120 до 130 денари за килограм жива мера.

-Ова со откупот на јагнињата од домашните трговци е сомнително, од една страна велат дека нема откуп, а од друга страна ни велат плаќаме 110 денари за килограм, да направиме пазар. Владата и трговците треба да седнат со сточарите заедно и да се реши проблемот. Мора да ни дадат информација дали ќе има или нема да има извоз. Да ни ги кажат цените, зашто ако јагнето го продадеме за 110 денари, каде ќе ни биде крајот, подобро и овците да ги продадеме, или во тој случај државата да интервенира и да помогне  да ја надомести разликата до 170 денари за килограм. Петнаесет години наназад е истата приказна, се жали Мушев.

Сточарите покрај неоткупеното јагне ги притискаат и трошоците за овчарите, кои треба да се исплатат на крајот на април, како и храната за стоката и неплатените сметки кон добавувачите.

-Мора да се најде решение час поскоро, вака е голема неизвесноста, ветувања не ни требаат, туку акција да се среди работата, порача младиот сточар Мушев.

Од Министерството за земјоделство велат дека директно се контактира со трговци од Италија македонското јагне да биде навреме откупено.

Министерството за земјоделство по одржаната средба со претставници на Сојузот на одгледувачи на овци предложиле мерки кои министерството ќе ги спроведе со цел ублажување и надминување на состојбата со откупот на јагнињата.

Од МЗШВ велат дека на одгледувачите на овци ќе им биде исплатена интервентната мерка 400 денари за секое јагне предадено во кланичен капацитет. За сегашната реколта се предвидува нова мерка, наместо 700 денари по оставено женско јагне за приплод, таа сума ќе се зголеми на 1500 денари за годинава. Со тоа што овие пари да бидат исплатени во текот на оваа година. Што значи основната и дополнителната мерка вкупно би изнесувала до 2600 денари по јагне.

-Јагнињата растат, знаеме дека се жива материја, во контакти сме како министерство со откупувачите од Италија и преку Министерството за надворешни работи го договараме начинот на транспорт. Успеавме со Србија, Хрватска, Словенија и Италија да договориме коридор каде што нашите камиони нема да бидат запрени и да чекаат, или возачите да бидат ставени во изолација или да не можат да поминат. Договоривме нашите возачи кои возат за Италија, кога ќе се вратат назад да не бидат ставени во карантин 14 дена, туку да продолжат да возат, за што претходно се определени санитарни услови за нив што ќе мора да ги почитуваат, велат од МЗШВ за „Зелена берза“.

Досега од вкупните количини, од околу 130 илјади јагниња за откуп, се откупени околу 27 до 30 илјади јагниња. За извоз се планираат околу 80 илјади јагниња, остатокот ќе биде за домашниот пазар.

-Веруваме дека македонското јагнето ќе биде откупено. Државата мора да им излезе во пресрет на сточарите, велат од Министерството за земјоделство.

Анета Блажевска

 

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close