Амела Келешова-Тутунопроизводството е најстарото и најмачното од земјоделието
Во една рака детето, во друга тутунот, раскажува Амела
Амела Келешова , од валандовското село Казандол, е млада жена која од мали нозе е на нива. Таа е сопруга и мајка на три малолетни деца . Како жена од рурална средина и земјоделец кој обработува ниви со тутун, Амела вели дека денот и почнува уште неразденето и завршува доцна во вечерта за да може да ги исполните дневните обврски, на нива, на работа и дома.
-Тутунопроизводството е најстаро и најмачното од земјоделието како начин на производство и се што се подразбира по зборот – тутунар. Тешко е, станувам пред зори, одам на нивата со тутун, зошто сами ја обработуваме со сопругот. Помош од никого. Работам дневно 4 часа и како хигиеничар во училиштето во селото, а туку се обврските околу децата и домот. Ако треба за берба и децата ги станувам ноќта за на нива, за да не се исуши родот. Не се противат, ја разбираат маката на тутунарите. И кога беа бебиња ги носев со мене. Во една рака бебето, во друга тутунот, раскажува Амела за „Зелена берза“.
Семејството Келешови обработува 5 декари тутун во атарот на Казандол и произведува околу половина тон тутун.
Секоја реколта тутунарите се задолжуваат со надеж дека од тутунот ќе ги вратат долговите, вели Амела.
Казандол е село оддалечено на 7 километри од Валандово населено со Турци, сите земјоделци, па Амела вели малку време им останува на мештаните да одат во градот, освен ако немаат некои неопходни обврски.
-И да отидеме во градот, тоа е ретко, а не пак да седнеме на кафе во кафеана. За да седнеш треба да имаш во џебот, а нашата мака тутунарска е голема, вели Амела.
Во селото сега живеат околу четириесеттина семејства и сите произведуваат тутун. Има и големи производители кои годишно произведуваат и до 6 тони тутун.
До 1953 година, Казандол било големо село, но по масовното иселување на турското население во Турција преминало во мало село.
А.Блажевска