Анализа-Дали Македонија во моментов има аграрна политика?
Благица Сековска, Проф. на катедрата за Рурална економија при Факултет за ветеринарна медицина
Најголема забелешка на аграрната политика во Македонија е нејзината неконзистентност и неинтегриран пристап. Во што се состои нејзината неконзистентност? Во немањето одговор на клучните прашања: Дали знаеме во која насока сакаме да го развиваме нашиот земјоделско-прехранбен сектор? Дали имаме секторска анализа на состојбите во земјоделството? Дали секторите во кои се даваат субвенции се пропустливи (со соодветни мерки) по должината на целиот канал за набавка од фарма/нива до трпеза/пазар, бидејќи само субвенциите не се гарант за развој на секторот, како што сведочиме.
Земјоделска политика е сет од мерки поврзани со домашното земјоделство, како и со увозот на земјоделски производи. Владата вообичаено ги имплементира овие мерки со цел да испорача одредени резултати на домашниот пазар на земјоделски производи. Резултатите може да опфаќаат гарантирано ниво на снабдување со одредени производи на пазарот, ценовна стабилност, квалитет на производство, селекција на производи, користење на земја, вработување, квалитативни и технички бариери за пласман на производи, управување со биосигурноста, инфраструктурни услови и транспорт, обуки на работната сила, истражување на можностите на пазарот и барањата на потрошувачите и сл.
Но, дали имаме села во кои ќе развиваме земјоделство и дали имаме луѓе во тие села, луѓе кои се доволно млади и доволно обучени за имплементирање на добри земјоделски практики? Руралните средини имаат негативен прираст што значи дека населението сериозно старее, единствено Полошкиот и Скопскиот регион имаат позитивен природен прираст, а сите останати реони во Македонија негативен. При тоа најнапред се празнат и стареат токму руралните средини. Дали имаме едуцирани луѓе во селата кои ќе можат да имплементираат современо земјоделство? Колку нашето земјоделство е продуктивно, колку е економски ефикасно и рентабилно?
Ако го поврземе уделот на БДП во земјоделството со ангажираната работна сила во земјоделството ќе дојдеме до вчудоневидувачки заклучоци. На пример, 2015 година уделот на земјоделството во вкупниот БДП изнесувал 9,4% – додека уделот на работна сила во земјоделството, во вкупната работна сила изнесувал 24% (извор: Државен завод за статистика). Што зборува овој податок? Дека нашето земјоделство сè уште е ниско продуктивно и високо трудоинтензивно, што го оневозможува порастот на доходот на земјоделците. Тоа значи дека мерките за поддршка (освен директни плаќања во вид на субвенции) треба да се насочат и во конкретни мерки за рурален развој, кои ќе се фокусираат на помош на младите земјоделци и нивни соодветни обуки, со цел да се зголеми продуктивноста и да се намали ангажираната работна сила, преку осовременување на процесите на производство.
Иако директните плаќања во земјоделството изнесуваа 6,2 милијарди денари во 2018 година, бележиме значаен пад, особено во сточарското производство и тоа помалку во говедарството, а многу повеќе во овчарството. Од друга страна, производството на фуражни култури, грубо пресметано, дава само ¼ од потребите за кабаста храна на вкупната стока која се чува во земјава, што значи дека имаме дефицит на сточна храна, и тоа голем, и имаме голема потреба од увоз. Со висока цена на храната, како и со несоодветна исхрана на кравите не може да очекуваме пораст на продуктивноста, а со самото тоа и пораст на доходот. Со кои проблеми се соочува земјоделецот, а треба да се регулираат преку конзистентна аграрна политика?
1.Неискористување на средствата од ИПАРД програмата и нивна многу ниска искористеност;
2. Пристап до финансии – не постојат поволни кредити за земјоделци од страна на банките или банките бараат недвижнини во залог, кои во руралните средини се проценуваат многу ниско;
3. Ако и успее да обезбеди финансии, земјоделецот се соочува со проблем при добивање на дозвола за градба на штала, на пр. како и за еколошка дозвола, кои се вадат од различни министерства, меѓусебно недоволно координирани за правилата и прописите;
4. Расцепканост на земјоделските површини што ја зголемува цената за обработка. Земјоделците (особено фармерите) не поседуваат доволно земја и се принудени да купуваат и користат скапа храна што ја зголемува цената, додека условите под кои се издава обработливото земјиште се сосема нејасни;
5.Не функционира бонитирањето на земјоделско земјиште и строга забрана за негова пренамена во градежно, односно се премолчува кога истото свесно се декласира преку загадување со градежен шут, а со цел да се пренамени;
6.Системите за наводнување се руинирани и не се води грижа за нивно одржување и обновување;
7.Земјоделците се недоволно обучени во врска со мерки кои би им ги намалиле трошоците и би им ја зголемиле продуктивноста;
8.Голем е и проблемот при обезбедувањето на работна сила, што е исто така и проблем за понатамошен развој и ширење на производството;
9.Давањето на субвенции не е поврзано со никакви услови за намената на средствата, ниту е во корелација со квалитетот на објектите за чување, ниту пак со давање на предност при добивање на државно земјиште;
10.Дури и ако земјоделецот се избори со сите наведени предизвици, останува прашањето дали е тој доволно стимулиран од страна на откупувачите, на чија што милост и немилост го остава државата?
Немањето на доверба и пракса за здружен настап на земјоделците, во форма на задруги, дополнително го усложнува проблемот и им ги зголемува трошоците. Двојното оданочување е дополнителен обесхрабрувачки фактор за нивно здружување. Ниту неефикасниот судски систем не оди во прилог на зголемување на довербата, бидејќи луѓето се плашат дека во случај на спор не ќе можат да го решат проблемот на брз и праведен начин. Немотивираните, незаинтересирани или дури и корумпирани единки од администрацијата дополнително го усложнуваат проблемот и ги демотивираат земјоделците.
Овде се обидов да илустрирам дел од проблемите, но ова треба да биде предмет на опсежна анализа на МЗШВ и тоа по сектори, бидејќи секој сектор има свои конкретни проблеми и неусогласености. Но, за тоа треба да се има навистина добра волја и сериозна решеност, посветеност, добар тим и, се разбира, знаење.https://antropol.mk/2021/02/20/dali-makedonija-ima-agrarna-politika/