вестиЕкологијаТоп вести

Апелите за спас на Шара надлежните никако да ги слушнат

И кога сите мислевме дека за време на пандемијата додека траеше полицискиот час барем ќе се заштити шумата, таа и понатаму и покрај тоа што траеше одлуката за ограничено движење се сечеше бесправно.

  Жителите на неколку Шарпланински села за Зелена Берза, потврдуваат дека дрвата се масакрирале и кога никој од дома не смеел да излегува, но за дрвокрадците како што велат, оваа одлука не важела.

-Па додека траеа полициските часови никој не смееше да излезе од дома. Бевме принудени да седиме дома. Тука во нашето село и така е тишина, но додека траеше полицискиот час беше уште поголема тишина, и тогаш спокојот го нарушуваа моторните пили кои ја соголуваа Шар Планина. Се јавувавме во полиција да ја спречи оваа нелегална сеча, но бадијала. Кога ова лето излеговме на терен да ја видиме состојбата видовме дека се сечела бесправно шумата, рече еден жител на Варвара.

И од планинарските клубови, велат дека сеча има, која и никогаш не престанала.

-Во врска со сечата на шума која се случува на Лешница тоа е официјална сеча, затоа што во текот на зимата од силен ветер една огромна површина која се наоѓа на средна карпа тие дрва се испокршени и откорнати. Се зборува за околу илјади квадратни метри и тоа е причината зошто на Лешница има толкава површина оголена.Ова е виша сила, но на други места се случува дива сеча, тоа не е од локалното население дека тоа е гола сеча тоа е страшно, тоа е на повеќе места, тоа е очигледно организирано и сме апелирале, ама повеќе институции дигаат раменици, истакна Јован Божиновски од планинарскиот клуб Љуботен

 

Поради дивата сеча, се губи туристичката атрактивност на природните предели на Шара

 Од планинарските клубови, велат дека поранешните прекрасни пејсажи по кои се движеле додека оделе до некој врв повеќе ги нема. Опустошени се и исечени. Со голотија во некогашните прекрасни планински предели, не можеме да го развиеме туризмот, велат планинарите.

И нели велиме дека сакаме да развиваме туризамсега не можеме да развиваме таму туризам немаме убава патека, голотија имаме таму. Не можам јас таму да носам туристи и тоа да го видат. Можам да кажам еден пример со една планинарска патека над Варвара која ја маркиравме пред повеќе години заедно со жителите од месната заедница од Варвара, ја измаркиравме патеката иделна патека, јас немав оттука одамна поминато, во сред лето во таа шума беше пријатно за движење и после неколку години кога се качивме беше невиден масакр голотија, значи страшни глетки и тоа е недозволиво, тоа не треба да се случува. Долж патеките по кои планинариме се отвораат други патишта и ова влијае лошо на туристите.Ако се прогласи Шара за Национален парк сето ова се надеваме дека ќе се надмине. Мора планината да живее и шумата да се разретчува за да живее и да се обновува, но не гола сеча, мора се да се работи плански, рече Јован Божоновски од ПК Љуботен

 Странски експерти утврдија дека главна причина за ерозивните процеси кои се случија на Шар Планина каде имаше човечки жртви и голема материјална штета е човекот, кој неконтролирано ја сече шумата и создава нестаболност на самиот терен.
Кога беа дождовите кај теаречка Бистрица отворен пат имаше на диво и по дождот целиот пат падна долу, ем некој си ја уништил природата кога го отворил патот, сега враќа природата, но за неколку пати повеќе и таму се е уништено, додаде Божиновски
Од Шумската полиција и Јавното претпријатие Македонски шуми подружница Лешница, како главен проблем изминатата деценија за пустошењето на шумата го наведуваа немањето доволно кадар, но и теренски возила. Оттаму потенцираат дека треба да се организираат повеќе селски сечи, затоа што секое семејство од високите планински села се грее со огревно дрво, кое не е во можност да го транспортира од градските плацеви и најчесто се снабдува со дрва од блиската шума, па ако нема легална се одлучува да врши нелегална сеча

Од Шумската полиција посочуваат дека за да се намали појавата на дрвокрадството, треба да се воведе реонска полиција односно шумските полицајци да се грижат за одредени реони на шумата, а тоа ќе бара и вработувања на повеќе полициски службеници. Во тој случај ќе има поголема контрола на теренот, за разлика од сега кога шумската полиција е патролна и во зависност од план програмата контролира одреден терен во одредени денови.

Зоран Димовски

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close