Аријанит Хоџа – Подготвуваме програма за субвенции за 2021 која за прв пат ќе биде ориентирана кон развојот на земјоделството
Земјоделството е еден од клучните сектори кој има потенцијал да и помогне на економија во пост корона периодот. Закрепнувањето на економијата и придонес кон растот е можен преку земјоделството кое е значаен контрибутор во бруто домашниот производ но потребни се промени во мерките за поддршка. Агро бизнисмените од стопанската комора денеска одржаа работна средба со министерот за земјоделство со цел да ги изнесат своите предлози и идеи како да се помогне поголемиот раст во овој сектор.
-Овој работен состанок е во склоп на подготовките за креирање на мерките од програма за 2021 година. Многу е важно да се слушне гласот на бизнис секторот во периодот кога се подготвуваме да предложиме за прв пат програма која ќе биде ориентирана кон развојот во земјоделството рече Аријанит Хоџа министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Само навидум секторот земјоделство нема последици од корона кризата. Според стопанствениците по периодот на проблемите со логиситиката кои полека се надминаа половината од анкетираните се изјасниле дека имаат изгубено зделки.
-Во агро секторот има околу 11 илјади стопански субјекти кои играат голема улога во креирањето на БДП-то на земјава. Се истакнуваат 4 потсектори кои имаат најголем потенцијал за раст и развој како што се производството на млеко и млеко преработувачката индустрија, месо преработувачката индустрија, мелничко пекарската индустрија и лозари винарството. Но токму овие потсектори се и најпогодени со корона кризата и затоа целта на мерките кои треба да се донесат е да придонесат за стабилизација и да се спречи опаѓањето на производството на суровинската база за да можеме понатаму да зборуваме за раст и развој. Компаниите од агро секторот бележат пад на прометот од 20 до 40% а профитабилноста е намалена од 40 до 60% оваа година, рече Ѓорги Петрушев од здружението на земјоделство при стопанската комора.
Стопанствениците на средбата со министерот освен елаборација на состојбата во која се наоѓаат излегоа и со конкретни предлози. Како едно од многу значајните работи е свртувањето на политиките и поддршките кон големите агро компании кои сега се маргинализирани со така наречениот скалест модел на субвенции и ограничувањата на максималните суми кои може да се добијат. Токму големите агро компании се тие кои во сите земји се генераторите на развојот и преку нив треба да се повлече целиот економски развој во овој сектор сметаат стопанствениците. Потребно е окрупнување на површините и зголемување на бројот на молзни грла по фармите. Предлагаат нов закон за наследно право со кој нема да се расцепкуваат нивите а за сточарите потребни се поголеми субвенции но само за оние кои ќе се ориентираат на поголемо производство на квалитетно млеко. Предлагаат да не може да се пренамени земјоделско земјиште до 4 категорија во градежно бидејќи на тој начин неповратно се губи квалитетна почва која треба да биде ставена во функција на производство на храна. Дури 90% од сточарите имаат нелегални фарми заради што се предлага донесување на посебен закон за да се реши и овој проблем. Земјава има едвај 22% искористеност на системите за наводнување изградени во времето на поранешна Југославија заради што е потребно итно преструктуирање водостопанското претпријатие и зголемување на инвестиции во наводнувањето. Стопанствениците се ставија на располагање да се формираат и помали работни групи каде ќе се даваат предлог решенија за развој на секторот.
З.Б.