fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Кумановската ракија од модра слива и кајсија вреди злато

Ракијата се прави од органски плодови, а се пече на традиционален начин.

Двајца кумановци се стекнаа со признанија за високо квалитетно производство на овошна ракија на Меѓународен фестивал на ракија „Ракија и ракијаши 2020“ во Панчево, Република Србија.  Зоран Стојчевски и Саша Инѓиќ,  освоија два златни, сребрен и бронзен медал, за  ракија произведена во 2019 година од органска модра слива и кајсија, и со тоа се здобија со звање златни ракијски мајстори – хобисти.

 

Во силна конкуренција на 1.300 производители од Србија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Романија, Унгарија и Грција, македонската ракија постигна значаен успех. На натпреварувањето учествувале вкупно осум македонски производители со 19 ракии, а добиле вкупно 21 награда во различни категории.

Петчлена комисија составена од врвни експерти и дегустатори на алкохолни пијалаци ги оценува: вкусот, мирисот, аромата, бистрината и специфичноста на ракии. Се оценувале млади ракии од слива, стари ракии, потоа ракии од дуња, кајсија, крушка, лозова, од јаболко, ликери и други.

-Ние се пријавивме само за да видиме до каде е квалитетот на нашата ракија. Да знаеме што да смениме или да додадеме, за да го унапредиме производството. Не се надевавме на награда. Многу ми значи затоа што сега имам и потврда на квалитетот, луѓето коишто ја пијат мојата ракија тврдат дека е многу квалитетна, но ова е официјално признание од врвни професори и познавачи на ракијата. Како за почетници, кои се натпреварувавме со ракија од првата година на нашето производство многу сме задоволни од резултатот, вели Зоран Стојчевски, кој се закити со златен медал за ракија од модра слива и сребрен медал за ракија од кајсија, а во вкупниот пласман освои 14 место од 120 ракии.

Тој објаснува дека македонските производители на овошни ракии, пред се од кајсии, модра слива, дуња и круша се малобројни и се` уште немаат големо искуство, додека за лозова, комова и мастика имаме долга традиција и немаме конкуренција. Високите оценки кои ги добиле се резултат на тоа што ракијата се прави од органски плодови, што исклучително се цени во современиот свет. Тие  процесот на подготовката и обработката  на овошјето го спроведуваат на современ начин, но ракијата ја печат традиционално.

-Нашите кајсии и сливи се третирани по строги европски процедури, нема хемија. Ние дрвјата ги прскаме со омега 3 и рибино брашно, морски алги и аминокиселини. Се одлучивме за таквиот начин на производство затоа што тоа е иднината во земјоделството и овоштарството, вели Стојчевски.

Мора да се почитува целата процедува. Во нашата ракија се става само она што е квалитетно. Овошјето мора да е чисто, се надоврзува Инѓиќ.

-Значи не се собира од земја, туку се бере од дрво. Она што не се става во уста не се става ни во каца. Се става без семки. Се пасира, семките се одвојуваат бидејќи даваат горчина, ферментацијата е во херметички затворени буриња и со тоа се задржува аромата. Просторијата во која стојат бурињата е со константна температура од 16 степени, поради тоа вградивме клима уреди. Вриењето мора да биде бавно и природно, за да се распадне плодот во алкохолот. И во печењето имаме посебна технологија која траe подолго, со  дестилација од 8 до 12 часа, бидејќи брзото варење влијае на квалитетот, вели Инѓиќ, кој е добитник на златен медал за ракија од модра слива и бронзен за квалитетот на ракијата од кајсија.

Според нашите соговорници од еден казан од 100 килограми кајсија се добива од 6-7 литри ракија во зависност од квалитетот на овошките. Цената на ракијата од кајсија и модра слива е повисока во однос на комовата и лозова ракија.

Стојчевски и Инѓиќ, како и нивниот партнер Среќко Стошевски, регистрирани земјоделци и овоштари – сертифицирани органски производители, од 2010 година во кумановското село Челопек поседуваат овошни насади со вкупна површина од 22 хектари, и тоа: по 6 хектари со кајсии, модра слива и бадеми и 4 хектари ореви. Првичната идеја им била свежите плодови да ги продаваат на македонскиот и регионален пазар, меѓутоа поради ниската цена и неорганизираниот откуп, се преориентирале на производство на ракија.  Досега посетиле многу курсеви и семинари во земјава и странство, се со цел се едуцираат и да ги користат искуствата на другите производители. Велат дека работат организирано и исклучиво заеднички, се со цел да го унапредат процесот на производството и да создадат квалитетен финален производ кој ќе биде конкурентен на домашниот пазар. Според нивните пресметки годишниот род на кајсија и слива треба да биде по околу 50 тони, а со тоа да произведат по околу 4 тони ракија. Ако се остварат нивните очекувања планираат да произведуваат и природни овошни сокови.

-Оваа работа не зависи само од нашата посветеност и упорност, тука одлучуваат и други фактори, пред се  ‘виша сила’ и  државата. Три години по ред поради временските неприлики имаме слаб род. Минатата година овошките ги оштети град и имаше само 30 насто род, а оваа година речиси воопшто немаше затоа што фати голем мраз на пролет. Се надевавме дека за овие 10 години ќе направиме  многу повеќе, но поради спората администрацијата  и немањето на стратегија и слух од надлежните институции нашите планови не ги реализиравме докрај,  велат Саша и Зоран.

Тие како регистрирани производители на ракија чекаат да добијат бандероли за да можат производите да ги пласираат во маркетите и кафеаните. Членуваат во повеќе здруженија и асоцијации за органско производство, а членки се и на здружението „АБЕР“ во Куманово.

Сметаат дека во Кумановско има одлични предуслови за развој на земјоделството и овоштарството, но голем проблем е и тоа што нема млади луѓе за работа во полето.

Специјалната награда за најдобра странска ракија дојде во Македонија 

Меѓу македонските претставниците на Меѓународниот фестивал на ракија „Ракија и ракијаши 2020“ во Панчево се и наградените: Александар Георгиевски, Благој Георгиевски и Воислав  Младеновиќ, кој е добитник на златен медал и пехар на специјална награда за најдобра странска ракија од модра слива.

-За да се добие добра ракија потребно е многу труд, посветеност и време. Мора целосно да се вложите и да и се посветите на работата. Тоа конкретно значи дека треба да го следите производот комплетно, прво плодот, па преработката на комињето, навремено печење и се останато што е технолошки процес, изјави Младеновиќ.

Тој вели дека од производството на ракија може добро да се живее, бидејќи нашата земја е поднебје кое има добра суровина. Ние имаме голем дел сончеви денови во годината, овошки со висок процент на шеќер и добар квалитет, што е основа за добар производ.

Но, на македонските производители на ракија им треба организација и манифестација на која ќе го презентираат своето производство.

 

Сузана Николиќ

Слични написи

Back to top button
Close