fbpx
Вести

Kинескиот мед ќе ги запечати македонските кошници

Евтиниот кинески мед ќе им ги запечати кошниците на македонските пчелари. Со цена од 1 до 2 долара за килограм, односно од 50 до 100 денари, тој е сериозна конкуренција на производителите на мед во земјава.

kineskiot med kje gi zapechati makedonskite koshnici

 

Велат дека веќе се чувствува проблемот и не се бара ниту ланскиот мед од домашно производство иако го немаше во доволна количина. Тие стравуваат дека цената, а не квалитетот, ќе бидат предност кај купувачите бидејќи ретко кој од нив ќе плати 300 денари за тегла ако има мед за 200 денари. Kинескиот мед е голем проблем и за целиот Балкан. Од лани веќе е присутен на пазарот во Босна и Херцеговина и во Хрватска, а српските медиуми деновиве пишуваат дека е можно да стигнал и кај нив преку шверцерски канали.

Kинескиот мед е проблем за целата Европска Унија. За една година во Унијата влегле 80.000 тони мед. Kон крајот на минатата година во Европскиот парламент стигна и предлог-резолуција за забрана на увоз на мед од Kина. Причина за тоа е заканата за уништување на европските пчелари со евтината цена. Според европските ценовници, лани во некои земји од ЕУ медот се увезувал по дампинг-цена од 0,9 центи.

Хемиска анализа

Менде Трајковски, претседател на здруженијата на пчелари на Македонија, вели дека зголеменото производство за 100 отсто на мед во Kина е сериозна закана за нив.

– Точно е дека евтиниот мед ни создава проблеми во пласманот. Иако поради лошите временски услови лани имавме помалку мед, се уште има поголема количина што остана непродадена. Ние можеме на пазарот да се бориме само со квалитет. Сите анализи покажуваат дека во земјава има одличен мед поради многуте сончеви денови и тоа е нашиот адут – вели Трајковски.

Според негови информации, во земјава има увезено одредена количина мед и можеби тоа е проблемот поради кој домашниот останал непродаден.

Просечното производство на мед од кошница во земјава се движи околу 15 килограми. Ако ова се спореди со бројот на пчелни семејства од 130.000 до 140.000, годишната продукција е од 1.950.000 килограми до 2.100.000 килограми мед. Меѓутоа, никој не води евиденција колку мед се продава на пазарот бидејќи ние освен што произведуваме и увезуваме мед.

Експертите велат дека единствена заштита на купувачите да купат квалитетен мед е хемиската анализа. Препорачуваат да се купува течен, бистар мед, со препознатлив мирис. Велат дека најдобро е да се купува од прва рака, односно од производителите.

– Kупувањето од познат производител е најдобро бидејќи тој секогаш стои зад квалитетот – велат експертите.

Сомнителен квалитет

Kинескиот мед е многу поевтин од европскиот, но има големи сомневања за неговиот квалитет, односно можно присуство на антибиотици. Пред десетина години беше стопиран увозот од страна на ЕУ бидејќи во медот беше пронајдено и олово. Тогашните анализи покажаа дека медот од Kина е преполн со вода и дека мора да се прават дополнителни контроли. Но, и покрај тоа, лани кинеските медари повторно го освоија европскиот пазар. Шпекулациите дека има антибиотици во овој мед лани ги потврди и европската Агенција за безбедност на храната, која во Велика Британија спроведе дополнителни анализи. Од 16 примероци во 10 се откриени остатоци од антибиотикот „хлорамфеникол“, а во шест „стрептомицин“. Медот е повлечен од продажба. Потоа контролите се спроведени во сите држави и податоците биле застрашувачки. Дури 30 примероци не одговарале на правилникот за квалитет.

Фалсификуван мед

Експертите велат дека проблемот не е само во кинескиот мед, туку и во фалсификувањето. Се додава пченкарен сируп и се добива евтин производ сличен на медот.

– Гликозата е густа исто како медот. Разликата е во тоа што не се зашеќерува. И цената е далеку пониска. Kилограм е околу 100 денари. На пазарите често се продава како мед. Само искусните пчелари може да направат разлика бидејќи фалсификуваниот мед е проѕирен како лимонада и тој останува ист и по неколку месеци, но и години – велат пчеларите.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close