fbpx
ВестиТоп вести

Австриските искуства споделени со пелагониските фармери за млеко производство и развојот на руралниот туризам 

За млеко производството и развојот на руралниот туризам  австриски  експерти денеска ги споделија своите искуства со палагониските фармери на настанот што го организираше здружението „Зелана берза“и ЛАГ Агро лидер од Прилеп во просториите на „Синпекс“-Битола.

Средбата на претставниците од Австрискиот земјоделски кластер и нашите земјоделци се преточи во пријателска и плодна размена на информации и скенирање на состојбите во овој  регион како и разгледување на  политиките на Владата за приближување на стандардите во сточарството со оние на Европската унија.

Кристијан Бравенц , аташе од Федералното министерство за Одржливост и туризам зборувајќи на  тема “Мастер план за рурален развој во Австрија и организација на поддршка за земјоделство и шумарство ” рече дека од шеесетите до деведесеттите години на минатиот век Австрија се соочила со голема миграција  на населението од руралните средини, такашто многу жители заминале во големите градови како Виена, но со влегувањето во ЕУ овој проблем на Австрија стагнирал и жителите останале по селата.

-Дојдовме тука на покана на здружението „Зелена берза“ за да споделиме искуства од нашата земја и да видиме кои се идните можности за соработка. Австрија е земја која што има сличности со Македонија, па ги земаме  предвид фактите дека и овде има високи планини и реони со различен географски релјеф.  Ние како земја дел од ЕУ бевме насочени кон руралниот развој кој е комплексен. Тој опфаќа не само земјоделство, туку и животен стандард, образование, животна средина, шумарство, дрвна индустрија и други сектори кои се битни да се развијат со цел да се задржат луѓето да останат во руралните средини, рече  Бравенц.

Според Бравенц  Австрија како држава ги субвенционира фармерите и со влезот во ЕУ постои поддршка во два сектори во делот на маркетингот, односно пласманот на производите и во делот на рурален развој.

Генералениот менаџер од Австрискиот  агрикултурен кластер, Херман Виесер , се осврна на  темата „Интеграција по должината на синџирот на додадена вредност на млеко и месо. Фактори за успех за квалитативно и квантитативно зголемување на производството на млеко “. На средбата со пелагониските фармери тој истакна дека Австрискиот кластер е здружение кое што покрива околу 20 компании од други здруженија и нуди советодавни услуги и поддршка во одгледување на стока, производство на сточна храна, на пченка и се што е поврзано во делот на земјоделството.

-Пред вашите земјоделци ќе кажеме дека сме отворени за поддршка како да ја зголемат продуктивноста, кавалитетот и квантитетот  на млекото, но и како да бидат попрофитабилни, рече Виесер.

Мартин Штегфелнер, генерален директор на Сојузната асоцијација на австриски одгледувачи на стока презентирајќи ја темата “Организација на одгледувачи на добиток и успешна сточарство и производство на млеко во Австрија“,истакна дека целта на неговата организација е да ги застапува интересите на фармерите и да делува во спроведување на услуги во делот на податоци, дигитализација на самите фарми и во однос на спроведување на политиките на Европската унија.

-Имаме големо искуство со менаџирање со стадо и воедно  подобрување на генетскиот потенцијал и како организација нашето знаење и искуство може да го пренесеме во вашата земја, рече Штегфелнер.

Според него во Австрија во малите и фамилијарни фарми во просек има по 21 грло добиток , со што ова би можело да биде оптимален просек и во нашата земја.

На денешната средба присуствуваа голем број на фармери од регионот како и претставници на општините и Министерството за земјоделие.

-Нашата земја мора да се фокусира кон развојот на сточарството, зошто  реално ги имаме вистинските природни предуслови и потенцијали. Ќе ги изградиме капацитетите, а ги имаме и човечките ресурси, рече на средбата градоначалничката на Општина Могила Јасмина Гулевска. Таа најави дека општината е пред реализација на еден голем проекет, а тоа е агро економ зона која ќе се гради во општината и ќе значи придобивка за сточарите. Малите семејни фарми да израснат од една традиционална фарма на одгледување на говеда кон европски модел на одржливи фарми. Сточарите во овие зони ќе добијат потврда од Општина Могила за да ги искористат европските фондови, најави Гулевска.

-Политиката на локалната самоуправа на Општина Могила потпомогната од владините  институции е приближување на стандардите во сточарството со стандардите на сточарите во Европската Унија. Нашата општина и воопшто Пелагониската котлина, расположливите површини од неколку илјади хектари, дел под системот за наводнување, засадување на две интензивни култури од коишто може да се очекува висока економска продуктивност беше почетната точка од којашто тргнавме и се базиравме  за иницијативата за изградба на една од четирите  агро економ зони во Република Северна Македонија. Точно една од нив да биде во Општина Могила. Целта е да се искористат фондовите, да се сврти аграрната политика во државата кон сточарството, да се зголемат инвестициите не само странските, туку да се потпомогнат и домашните, локални инвестиции. Да се сменат знаењата и работните навики на индивидуалните сточарски традиционални фарми, рече градоначалничката на општина Могила Гулевска.

Секое европско искуството пренесено кај нас е важно, влијае на квалитетот на земјоделството и сточарството овде, потенцираше подрачниот раководител на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, Методија Илиевски.

-Како претставник на Министерсвото за земјоделство сакам да кажам дека ова што го прави и што го организира „Зелена берза“  и покровителот „Синпекс“ допринесуваат за едукација на земјоделците и развој на земјоделието, а со тоа да стигнеме до поквалитетен производ. Нашите канцеларии во Битола, Новаци и Могила се отворени за земјоделците за непречено извршување на сите административни обрски , вклучувајќи ги и субвенции со цел олеснување на обврските, рече подрачниот раководител на Министерството за земјоделство во Битола, Илиевски.

Организаторот на средбата здружението „Зелена берза“ смета дека ваквите настани отвораат нови перспективи на нашите земјоделци и помагаат во надминување на дел од проблемите со кои секојдневно се соочуваат фармерите.

-Со оваа средба отвораме можност за повеќегодишна соработка со Австрија бидејќи тие имаат волја, ресурси и можност да вложат средства кај нас.Се надеваме дека многу проблеми ќе бидат  можеби убалажени , ако не и решени, рече Валентина Соколовска претседател на здружението на земјоделци „Зелена берза“.

Акцијата е финансирана од Австриската агенција за развој (АДА) преку шемата за грантови BACID (Градење на административни капацитети во регионот на Дунав и Западен Балкан), под раководство на Австриската асоцијација на градови и градови (AACT) и Центарот за истражување на јавната администрација на KDZ.

Оваа публикација / документ е изработена со помош на Австриската агенција за развој (ADA). Содржината на овој документ е единствената одговорност на авторот / и и не може во никој случај да се преземе за да ги одразува ставовите на АДА или на австриската влада.

А. Блажевска

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close