вести

Земјоделците од Гази Баба и Илинден заинтересирани за мерките од ИПАРД 2 Програмата

Денеска, во склоп на едукативната кампања за ИПАРД 2014 – 2020 претставниците од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство  и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, ги информираа земјоделците и други заинтересирани во општина Илинден и општина Гази Баба за процедурите за конкурирање за мерките од ИПАРД 2 Програмата.

Целта на овие инфо денови е да се поттикне интересот, да се запознаат заинтересираните со постапката за аплицирање и за бенефитите од искористеноста на ИПАРД Програмата 2014 – 2020.

Овие две општини се значајни за искористеноста на ИПАРД 2014 – 2020 имајќи го во предвид тоа што во Илинден 70% од земјиштето е земјоделски обработливо, а во Гази Баба 65%.

Експертите од Телото за управување со ИПАРД при Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство пред присутните ги образложија  2 –те  мерки од Програмата, и тоа Мерка 1 „Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства“ наменета за примарното земјоделско производство и Мерка 3 „Инвестиции во материјални средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи“.

Претставниците од Секторот за одобрување на проекти од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој ја презентираа деталната постапка пред АФПЗРР за користење на средства од ИПАРД 2014 – 2020 Програмата.

Мерка 1

за примарно земјоделско производство им овозможува на  земјоделските стопанства широк спектар на инвестиции во примарното земјоделско и сточарско производство, вклучително и инфраструктурни зафати. Вкупната финансиска поддршка за овој јавен повик е близу 12 милиони евра. Крајниот рок за поднесување на барањата е продолжен до 09 февруари 2019 година, но постои опција за продолжување на овој рок.

Мерка 3

„Инвестиции во материјални средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи“, е особено важна за зголемување на инвестиции во преработувачката индустрија за различни земјоделски производи и за инвестиции во опрема. Рокот за поднесување понуди за „Инвестиции во материјални средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи“ истекува на 29-ти јануари.

ИПАРД 2 Програмата овозможува покривање на половина од вредноста на инвестицијата преку кофинансирање. Од средствата кои ќе бидат кофинансирани, 75 отсто ќе бидат обезбедени од ИПАРД Програмата, а 25 отсто од средствата од Буџетот на Република Македонија.

Едукативната кампања за ИПАРД 2 Програмата продолжува и во следниот период. Кампањата ќе трае  18 месеци и во чии рамки ќе се одржат 3 форуми, 6 работилници и 80 инфо денови.

Информациите околу деталите, потребните документи и јавните повици сите заинтересирани може да ги погледнат на веб страниците на ИПАРД Македонија, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и тоа ipardpa.gov.mk,ipard.gov.mk, mzsv.gov.mk, agencija.gov.mk,

 


 

eMagazin

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close