fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Автохтоните сорти јаболка исчезнуваат под наплив на барањата  на  пазарот

Производството на јаболко значи егзистенција на околу 80% на населението во Преспа. На 4 800 ха површина подигнати се овоштарници од кои се берат приближно 100 000 тони јаболка. Овоштарите сè повеќе ги чувствуваат климатските промени, неколку години наназад се погодени од природни катастрофи  и сметаат дека тоа сериозно ќе се одрази во идното производство на јаболка. Автохтоните сорти јаболка кои некогаш ги имало десетици и повеќе веќе ги нема. Пред исчезнување се и оние неколку кои се одгледуваат во домашните градини за своја душа, а не за комерцијални цели. Што ќе се произведува најмногу зависи од пазарот.

-Што да се произведува диктира пазарот. Има голема промена во асортиманот  на јаболката. На нашето поднебје успеваат јаболката. Не секаде може да успева јаболкото и сега гревота би било и штета доколку ние би ја смениле културата. Овде  имаме и сливи, лешници, ореви и цреши, меѓутоа јаболкото е главен производ.Овоштарите го менуваат асортиманот и одат на оние сорти кои се конкурентни на пазарот, продаваме јаболка во зависност од тоа што бараат трговците. Најмногу бараат од сортата ајдарет. Ајдаретот од Преспа има специфични карактеристики и поинаков е од онаа сорта ајдарет  во Полска и други земји. Тоа е јаболко кое можеме да го чуваме до месец март, април без да има видливи органолептички промени на самото јаболко во обичните магацини што ги имаме, вели за Зелена берза Фросина Ѓоргиевска од Здружение на овоштари „Благој А. Котларовски“ од Ресен.

Како што вели таа, мал е бројот на ладилници што ги има во овој регион,можеби 10 – 15, а има само два откупни дистирибутивни центри од кои едниот е со капацитет од 5000 т,  а другиот 1000 т. Тоа е многу малку ако се има предвид  годишното производство од  околу 100 000 тони.

Може ли да се зачуваат автохтоните сорти јаболка?

-Пред пет години средното земјоделско училиште во Ресен преку проект на УНДП  на показен насад подигна  една парцела на подлога М9  со современ начин на производство нови сорти на јаболка , а на друга парцела имаше проект за садење на тие автохтони сорти. Современиот се подигна, насаден е , но овој со автохтони сорти не. Од автохтоните сорти ја имаме само кожарката. Кај некои  индивидуални производители можеби  ќе се најде и некоја  друга, од старите сорти, меѓутоа останатите  за жал ги нема. Овоштарите се одлучуваат за оние сорти од кои ќе може да заработат повеќе, вели Ѓоргиевска. И покрај проблемите со кои се соочуваат , поголемиот дел од населението не се откажува од  одгледувањето  јаболка, додава таа.

Органското производство на јаболко е многу тешко да се спроведе

Се вели дека иднината е во органското производство. Кај дел од овоштарите има интерес за ваков начин на производство, но не може секаде да се примени, заради правилата кои мора да се почитуваат, а  произлегуваат од законските норми.

-Мислам дека во Преспа не може да се има органско производство. Зошто?Затоа што не секој еден сака да има органско производство. Ако соседот работи интегрален начин на производство, а  одма до него има сертифициран начин за органско производство, тогаш не е тоа органско производство, се знаат кои се условите. Тоа е можно само на оние парцели кои законски се доволно оддалечени од овие другите. Сред други насади тој не може да е органски производител. Овде во Преспа 99% е интегрален начин на производство, многу мал е процентот на органско производство. Првично не можат оти не ги исполнуваат условите. Особено за јаболкото и интегралниот начин на производство можеби е близок со органското производство затоа што ние ( ако кажуваат дека нашите јаболка се многу прскани и дека има многу голем број пестициди хербициди и што ли уште не) јас би рекла дека не е така. Ние не користиме препарати кои се забранети од ЕУ.Кај нас се користат оние препарати кои се на зелената листа и верувајте, со оглед на тоа дека се многу скапи препаратите и покрај препораките што им ги даваме како здружение, не ги купуваат бидејќи  е опадната моќта на овоштарите и не можат да ги купуваат. Ако некогаш оделе со третирање 20-  25 пати  сега одат со 15 третирања. Тоа е заради тоа што не се моќни. И уште нешто, не секогаш кога употребуваат  атомизер значи дека  прскаат со пестициди. Со нив може да врши и фолијарно ѓубрење, објаснува Фросина.

Преспанскиот регион не е имун од иселувањето на младите луѓе. Ги има и оние што одлучиле да  ја продолжат традицијата во своите семејства за производство на јаболка. Сепак сметаат на поддршката на државата, за преземање мерки кои ќе помогнат да ги задржат младите и да го сочуваат она што останало во Преспа.

Павлина Јовановска

 

 

 

Слични написи

Back to top button
Close