fbpx
Вести

Дилеми околу законските измени за персонален данок во земјоделството

zemja

Дали измените на Законот за персонален данок на доход ќе овозможат манипулации со откупната цена на земјоделските производи, дали со нив еднакво се третираат сите категории земјоделци или можеби некои се ставени во нерамноправна положба и дали ќе значат дополнително оптоварување за откупувачите?

Овие прашања се наметнаа уште минатиот месец, откако министерот за земјоделство Љупчо Николовски ги промовира законските измени, но и по нивното донесување дилемите останаа и продолжија да „висат“.

Измените на Законот за  персонален данок на доход стапија во сила од први јануари 2018, а предвидуваат, земјоделците кои остваруваат приход до еден милион денари, на почетокот на секоја наредна година да си ги добијат назад парите за персоналниот данок што ги давале изминатите 12 месеци.

– Мерката не ни е јасна. Ниту некој ни кажал што конкретно значи, ниту се советувал со нас. Не знаеме кој ќе ги враќа парите од данокот и дали ќе им се враќаат само на оние со основна дејност земјоделство или и на оние што земјоделството им е дополнителна дејност, вели претседателот на Асоцијацијата на земјоделци на Македонија Ефтим Шаклев.

Според него, мерката е во ред ако се однесува на земјоделците на кои земјоделството им е основна дејност, односно на оние што се рагистрирани и остваруваат основен приход од земјоделството, притоа си плаќаат социјално и пензиско осигурување, но ако данокот им се враќа и на оние на кои земјоделството им е дополнителна дејност, односно им обезбедува плус пари покрај основната плата од некоја друга работа, тогаш не е во ред.

– Во таков случај, наместо да го развиваме, ќе го уназадиме земјоделството, смета Шаклев.

Негов став е дека можеби оваа категорија земјоделци, што остварува приход до еден милион денари и на која земјоделството и е основна дејност, воопшто не треба да плаќа данок.

– Со измените, од друга страна, на откупувачите им се овозможува вид „покритие“ за намалување на откупната цена. На име на данок ќе имаат оправдување да ја намалат откупната цена. Ќе прават малверзации. Едноставно, ќе си играат со земјоделците при договарање на откупната цена и секојпат ќе ја намалуваат наводно за висината на данокот. Ќе речат, ако е пет денари, да биде четири зашто наводно тој еден денар е за данок, нагласи Шаклев.

Претседателот на Синдикатот на земјоделци од струмичкиот регион Ристо Велков не се согласува со Шаклев. Вели, земјоделците треба да знаат да направат есап, но, секако, и инспекторатот мора да води сетка за регуларноста на откупот.

– Инспекторатот треба да се грижи за тоа дали ќе има малверазации или не, не смее земјоделецот да биде оставен на цедило, ама и тој треба да знае да си направи математика. Како и да е, со откупната цена се манипулираше и досега, изјави Велков.

Битно е, додаде, персоналниот данок да се пресметува за цената запишана на кантарната белешка што се зема на денот на продажбата. Останатото е генерално исто.

– Наместо земјоделецот да пријавува приход на почетокот на годината, сега уште со продажбата откупувачот е должен да му ги одбие парите на име пресоналец. Мерката е практично иста како што досега беше со плаќањето на паушалот. Загуба нема. За 100.000 денари приход од продаден производ, се плаќаа 2.000 денари паушал. Сега, од 100.000 денари приход, 80.000 ќе се одбиваат како производни трошоци, а за 20.000 ќе треба да се плати персонален данок (10 отсто) што е 2.000 денари. Разликата е во тоа што земјоделците нема сами да си плаќаат, туку  откупувачот е должен веднаш, на име на производителот да ги внесе тие 2.000 денари во УЈП. Практично, земјоделецот ќе земе пак исто, 98.000 денари, објаснува Велков.

Добивка на некој начин, дополни, има државата, зашто тие пари, од земјоделците, ќе ги користи една година.

Според претседателот на Сојузот на здруженијата на земјоделците Вељо Тантаров, оваа владина мерка е добра, но треба да важи и за земјоделците кои остваруваат приход над еден милион денари. Од друга страна, може да им создаде проблем на откупувачите, посебно на оние што се човек – фирма, зашто, за да ги подмират новите обврски околу плаќањето персонален данок наместо земјоделците, ќе треба да анагажираат плус луѓе, за книговодство.

– Мерката ќе даде ефекти. Данокот што го плаќаме, ќе се враќа назад. Кај земјоделците ќе останат доста пари. Но, потешко ќе биде за оние со приход над еден милион денари. Тие се малку, но и за нив треба да важи овој закон. Сите сме исто. Тука треба малку да се размисли, за овие земјоделци зашто со ваквите законски измени ќе бидат осакатени. Исто така, ќе има проблем со откупувачите. Тие ќе треба да имаат свое книговодство што значи и дополнителен трошок, истакна Тантаров.

Став на бизнис секторот

Оценката на компаниите во однос на измените е различна. Едни сметаат дека не се добро решение зашто ќе им наметнат плус финансиски оптоварувања, односно дополнителен индиректен трошок, а други, дека ќе се стави ред во плаќањето и ќе се намали сивата економија.

Стопанствениците се единствени само во ставот дека при откупот на земјоделските производи манипулации нема да има.

– Компаниите не се согласуваат со оваа решение, бидејќи и пред оваа измена доставуваа извештаи за земјоделските производи во УЈП до 31 јануари. Законските измени со кои фимрите или откупувачите се обрзуваат да поднесат даночни пријави за земјоледците, е голем товар за нив. Директни материjaлни трошоци нема да имаат, но индиректни да. Потрошеното време на вработените е трошок, известувањето на земјоделците по пошта за поднесеното барање е трошок, комуникацијата со нив додека се осигураат дека ги имаат примено пратките,…. Се ова е трошок за компанијата, вели извршниот директор на Стопанската комора на северозападна Македонија Дрилон Исени.

Додавањето дополнителна административна работа за бизнисот, подвлекува Исени, не е добро решение.

– За злоупотреба при откупот, пак, не може да стане збор. Повеќе би рекле дека се работи за заблуда и недоволна информираност на нашите земјоделци што може да има реперкусии врз нив, додава Исени.

Воведување ред во прометот со земјоделските производи и плаќањето, очекува Сојузот на стопански комори (ССК) од измените на Законот за персонален данок на доход. За евентуални манипулации околу откупната цена, велат оттаму, не може да стане збор.

– Со измените и дополнувањата на Законот за персонален данок на доход, очекуваме да се стави ред во плаќањето и да се придонесе кон намалување на сивата економија во агро-бизнис секторот. За реализација на очекуваното и за правилна имплементација на законските измени во периодот што следи, најпрво е неопходно вклучување на сите засегнати страни, обуки за земјоделците и за оние кои им даваат  услуги за новиот начин на спроведување на регулативата, вели претседателот на Агро бизнис комората при ССК Огнен Оровчанец.

Компаниите, додава Оровчанец, и досега беа обврзани да плаќаат данок.

– Не очекуваме манипулации околу висината на откупната цена, напротив. Сметаме дека измените се во насока на подобрување на законската регулатива и воведување ред во прометот со земјоделски производи. Понуденото решение кое е во насока на унапредување на земјоделскиот сектор е долгогодишно барање на Агро бизнис комората, подвлекува Оровчанец.

Што велат од Министерството за земјоделство?

Измените на Законот никако нема да овозможат манипулации, напротив. Ќе се зголеми контролата од страна на државата, а и самите земјоделци ќе инсистираат да не продаваат на црно зашто ќе сакаат на крајот на годината да добијат поврат на средства.

Откупувачите, пак, немаат да имаат никаков дополнителен трошок.

– Најновото законско решение важи само за земјоделците на кои земјоделството им е основна дејност, а не и за оние на кои им е дополнителна дејност, децидни се од Министерството.

Како што рече ресорниот министер Љупчо Николовски минатиот месец, образложувајќи ги измените, околу 65.000 земјоделци на почетокот на секоја година на својата сметка ќе добијат износ еднаков на задржаниот данок.

– Со оваа мерка, околу седум милиони евра повеќе ќе останат кај земјоделците. Од државата се пренасочуваат кон земјоделците, истакна тогаш Николовски.  /МИА


 

канал5

 

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close