Бабовски-Годинава е преполовен бројот на позитивни овци и кози од бруцелоза
Во 2021 година не е регистриран ниту еден случај на бруцелоза кај луѓето.
Директорот на АХВ Николче Бабовски во интервју за Вечер вели дека годинава преполовен е бројот на позитивни овци и кози од бруцелоза, а не е забележан сличај на буцелоза кај луѓето.
Каква е состојбата со бруцелоза кај овците и козите и дали е воспоставена контрола?
Почнувајќи од годинава, АХВ ќе почне со спроведување на новите програми за сузбивање и искоренување на бруцелозата кај овците, козите и говедата и туберкулозата кај говедата, во согласност со одредбите од новата европската регулатива во поглед на надзорот, искоренувањето на болестите и доделувањето на здравствени статуси. Програмата за сузбивање и искоренување на бруцелозата кај овците и козите, која е во финална фаза на изработка е за период од 2021 до 2025 година, е нова петгодишна програма за сузбивање и искоренување на оваа болест. Со оваа програма се пропишуваат мерки за заштита на здравјето на луѓето и животните, намалување на ризикот за ширење на инфекција со бактерии од родот на Brucella melitensis, обезбедување основни предуслови за ставање во промет и извоз на живи овци и кози и нивни производи за период од 2021 до 2025 година. Целта на оваа програма ќе биде постигнување и одржување на статусот на региони, општини и одгледувалиштата за овци и кози како „слободни од болест”, односно слободни од инфекција со бактерии од родот на Brucella. Кога е бруцелозата во прашање, радува фактот дека од година во година опаѓа бројот на заболени луѓе, а во 2021 година не е регистриран ниту еден случај на бруцелоза кај луѓето. Во 2017 година Институтот за јавно здравје Скопје регистрирал 21 лице заболено од бруцелоза, додека во 2021 година нема пристигнато пријава за позитивен случај кај луѓето. Што се однесува до позитивни овци и кози од бруцелоза нивниот број е преполовен, односно од 1,45 отсто позитивни одгледувалишта во 2017 година, процентот е намален на 0,75 отсто во 2021 година. Од 2019 година покрај вакцинирањето на подмладокот во одредени делови од државата се врши тестирање на сета популација на овци и кози на целата територија на државата. Во месец март 2021 година АХВ почна да го спроведува активниот надзор на бруцелоза и туберкулоза кај говедата и бруцелозата кај овците и козите.