fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Бадијала наводнување, од тетовскиот грав нема ни за семе

За да се зачува потребно е да се вложи во заштита на тетовскиот грав со покривање со заштитни мрежи.

Климатските промени ќе придонесат да исчезне автентичниот традиционален тетовски грав, кој неодамна беше брендиран. Земјоделците од Тетовско, велат дека поради големите горештини кои во овој регион летово достигнаа и до 45 Целзиусови степени, придонесе до 90% од засаденото тетовско гравче да го нема оваа есен на трпезите. Ако продолжи ваквото време и наредните сезони, ќе нема да остане од гравот ниту за семе, што ќе значи исчезнување на овој земјоделски производ.

-Јас годинава имам декар и пол засадено со грав, но сега немам ни за семе. Во Долно Седларце од каде што јас потекнувам и Брвеница има околу 1.000 хектари и од нив нема ништо, најверојатно ќе се увезе сега грав, нема друго решение. Не е проблем наводнувањето. Високите температури го горат родот. Се промени климата и на таа температура не може да опстане на 45 Целзиусови степени. Јас садам од се по малку, магдонос, боранија и родот не е лош, ние имаме наводнување од каналот, да не е каналот тоа ќе биде катастрофа, а кај што нема наводнување е лошо. Поради топлото време го снемува гравот. Пред 20 години имало над 3.000 хектари во Општина Брвеница, сега има двојно или тројно помалку. Сега младите не работаат по ниви, ние повозрасните генерации што останавме го работиме гравот затоа што за продажба е баран, но еве не раѓа, климата го уништи, вели Саше Ѓорѓески земјоделец од тетовското село Долно Седларце.

Од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, подрачно одделение Тетово, го потврдија тоа што го кажуваат земјоделците. Колку и да има добар систем за наводнување ако имаме температури до 45 степени во период кога гравот цвета и се врзува мешунка, тогаш тој нема да може да се оплоди, велат стручните лица од агенцијата.

-Во фаза на цветање кога е гравот и ако тогаш има високи температури цветот не може да опстане, тоа не е само кај гравот, туку кај сите култури кога има високи температури. Тоа е мана на тетовскиот грав кога е во фаза на цветање и кога треба да врзе мешунка тогаш во тој период имаше високи температури. Бадијала е наводнувањето, ако нема опрашување, вода му даваш ќе живее, но нема да има плод. Климатските промени не може никој да ги предвиди, вели Петре Петрески раководител на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството.

Сепак тој вели дека има спас, да се смени брендот, но тоа веќе нема да биде тетовски грав, или пак да се вложи во заштита на тетовскиот грав со покривање со заштитни мрежи, но тој чекор за индивидуалните земјоделци е доста скап.

-Ние порано имавме нишки грав, тој порано стасува и тој грав може да ги избегне високите температури. Но, тоа не е економски исплатливо, сепак се работи за наш бренд кој е доста баран и поскап на пазарот, а исто нашиот тетовски грав се засадува заедно со пченка што исто така го прави економски исплатливо. Можеби треба гравот да се покрива со заштитни мрежи да се намалат сончевите зраци, но тоа се вложувања кои ретко која сака да инвестира, особено индивидуалните земјоделци. Затоа треба да има окрупнување на земјоделците, затоа што вака на мали површини не се исплаќа, а со окрупнување на површините односно здружување на земјоделците ќе имаме поголеми шанси за вакви, но и за други инвестиции со што би имале поисплатливо земјоделство, рече Петрески раководител на АПРЗ-Тетово.

Тетовските земјоделци со грав во минатото ја снабдуваа ЈНА и поранешна Југославија, познат е по добриот вкус и крупното зрно, кое не се одвојува и не се троши додека се вари.

 

Зоран Димовски за Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close