fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Барајќи погача, снема леб!

Доцна сфаќаме дека со потценувачката политика кон домашното производство на стратешките земјоделски производи се претера.

Доцна сфаќаме дека со потценувачката политика кон домашното производство на стратешките земјоделски производи се претера. Мина времето на Марија Антоанета за да нè лажат со колачи кога нема леб. Дури и тие што трошеа на чоколади кога го немаше, а требаше да мислат и на деновите кога цел свет ќе го бара. По секоја цена!

Чу Денгјоу, генералeн секретар на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) при ООН, укажа на сериозниот проблем со глобалното производство и снабдување со храна, бидејќи завојуваните Русија и Украина се значајна алка во тој светски синџир: Русија е најголемиот, а Украина е петта земја извозник на пченица во светот и заедно досега обезбедуваа 19 отсто од светската понуда на јачмен, 14 отсто од пченица и четири отсто од пченка, што вкупно е повеќе од една третина од светскиот извоз на житни култури. Тие се и водечки снабдувачи на семе од репка и сочинуваат 52 отсто од светскиот пазар за извоз на сончогледово масло. Глобалното снабдување со ѓубрива, исто така, е многу концентрирано во овие две земји, а Русија е главен производител.

Цените на храната се веќе во пораст од втората половина на 2020 година. Поради пандемијата, до пред кризата во Украина беа зголемени за 31 отсто. Сега достигнуваат историски максимум поради побарувачката, но и поради влезните и транспортните трошоци, како и поради блокадите на украинските пристаништа. Според некои процени, околу 25 милиони тони жито се заглавени во Украина поради неможноста да се испорача. Дополнителен проблем за лебот насушен се и најавите за суша и во претстојното лето.

Во вакво опкружување станува уште поважен често нагласуваниот податок дека Македонија мора да увезува една третина од вкупните потреби за лебно жито, или околу 100 милиони килограми. Годинава, а најверојатно и наредните, најсурово ќе се манифестираат последиците од повеќедецениското отсуство на стратегија во производството на стратешките прехранбени производи: лебот не само што ќе биде скап, туку може и да го нема доволно. Владата најави дека нема намера веќе да ги замрзнува цените на основните производи како на почетокот на годинава. Декретите, колку и да се социјална мерка за заштита на стандардот на граѓаните и за спречување инфлација, се најмалку посакуваната мерка во економијата.

Најштетниот какол за домашното жито е што нема политика за заштита на сопственото производство. Односно, да се водела умна политика, сега ќе можевме и сами доволно да произведеме за да се прехраниме. Трендот на намалување на површините насадени со жито со години е во пораст, а напуштените и необработени ораници во Македонија сè почесто стануваат плодна почва за разни профитери. Нивите се нападнати од љубителите на градежни парцели, од производителите на струја, од копачите на рудно богатство… Државните ресурси и националното богатство се ситнат поради оплодување на капиталот на и онака богати поединци. Не помалку важно е колку досега сме загубиле што е отуѓено државно земјиште по џабалак цена, но уште поопасно е тоа што засекогаш се загубени нивите под жито. За ќарот на тие што бараа преку леб погача. Може и стопати да ги повториме фразите за малиот ефект од субвенциите во земјоделството, за дестимулирачките откупни цени (зад кои се кријат интересите на увозниците), но на крајот е поразително тоа што за 1,8 милиони граѓани во земја со висок просек на сончеви денови, некогаш и со доволни површини обработливо земјиште и богати акумулации на вода, нема доволно храна.

Премиерот Димитар Ковачевски во една пригода ги најави плановите на овој состав на Владата во оваа сфера – нов интервентен фонд, авансно исплаќање на субвенциите, зголемување на сумите за засадување пченица, пченка, сончоглед, дополнителни стимули за зголемено производство на пченка и пченица, зелена нафта… Времето ќе покаже дали и кога ќе дадат ефект (ако вистински се спроведат).

Проблемот е што немаме многу време за чекање зашто токму Ковачевски ја најави најтешката зима. А далеку ни е зимата. Откако ни дадоа вакцини и ни ја признаа црквата, повторно ќе се крстиме во Вучиќ, иако и северниот сосед можеби ќе забрани извоз на пченица и сончоглед, како што веќе постапија Индија, Турција, Индонезија, Египет…

Доцна сфаќаме дека со потценувачката политика кон домашното производство на стратешките земјоделски производи се претера. Мина времето на Марија Антоанета за да нè лажат со колачи кога нема леб. Дури и тие што трошеа на чоколадо кога го немаше, а требаше да мислат и на деновите кога цел свет ќе го бара. По секоја цена!

Милорад Стојмановски-Слободен печат

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close