Беким Џафа: Агрокос ги поврзува земјите од регионот, а на партнерите им сме на услуга 365 дена во годината

(Oвој напис е објавен на: November 2, 2018)

Прочитајте што вели, Беким Џафа, првиот човек на меѓународниот земјоделски саем Агрокос во Приштина за резултатите од саемот и предизвиците кои се отвораат.

Од 17 до 19 октомври во Приштина се одржа најголемиот земјоделски саем на Косово – АГРОКОС – 18 по ред.

На прашањето како ја оценува оваа саемска година во однос на претходната Беким Џафа, вели:

„Ова е 18 издание на саемот, веќе стана традиција за земјите од регионот: Косово, Македонија, Црна Гора, Албанија и Јужна Србија. Оваа година имаме изложувачи кои ги организира Владата на Црна Гора, тамошното Министерство за земјоделство, инвестиционо – развојниот фонд и Стопанската комора на Црна Гора. Имаме презентери организирани и од страна на Владата на БиХ, заедносо Економско/стопанската комора на Босна и Херцеговина. Дојдоа членови од Стопанската комора од Солун од Грција, како и бројни други индивидуални учесници од земјите од регионот, но и од Германија и Швајцарија“, вели Џафа и додава, дека денес е лесно да организираат саем, затоа што веќе имаат партнери насекаде во регионот, имаат со кого да соработуваат, а секако имаат и Владина поддршка.

Тој се надева дека од идната, 2019 година ќе започнат соработка и со Хрватската стопанска комора, Владата на Република Србија, Стопанската комора на Србија, Стопанската комора на Војводина, како би ги собрале и земјоделците од тие подрачја.

Голем потенцијал од органски производи

Џафа потенцира дека Косово има европски пат пред себе, а земјоделскиот потенцијал на широкиот пазар на Европската унија го гледа најмногу преку органското производство.

„Најголемиот фокус на нашите земјоделци е на органското производство. Имаме многу мали производители кои се 100% сертифицирани органски производители. Голем дел од нив веќе почнале да извезуваат во Германија, Швајцарија итн. Тие имаат целосна поддршка од нашата Влада, а секако и ние како организација ги поддржавме и им овозможивме соработка со саемот Ануга во Келн, СИАЛ во Париз и Биофах во Нирнберг. Во Швајцарија имаме добри врски со дијаспората, што на производителите многу им помогна“, вели Џафа, нагласувајќи дека земјоделството таму, има голема поддршка од Владата, но и од други организации, како УСАИД, но и од Европската унија.

Она што им е потребно, според Џафа се повеќе трансфери од странство, како и правилно искористување на фондовите кои од неодамна се присутни на овие простори.

„Денес од дијаспората добиваме повеќе од милијарда евра годишно, а уште 50% повеќе доаѓаат преку службени трансфери, така што станува збор за над милијарда и пол евра годишно“, информира Џафа.

„Саемот треба да даде дополнителна вредност“, па се на располагање 365 дена во годината

На прашањето: Какви се амбициите на оваа саемска куќа, наспроти можностите на модерните технологии и кои се плановите за понатамошен развој, Џафа вели:

„Ние сме членови на UFI Париз (светско саемско здружение), имаме редовни состаноци, секогаш таму зборуваме за иднината на оваа индустрија. Сите се согласуваат дека личниот контакт ќе остане незаменлив, како би се активирале сите сетила. Вкусовите сеуште не можеме да ги пратиме преку интернет.

Но полека, овој саем се сервира на пазар од 15 милиони жители во регионот. Многу компании, преку саемот, почнуваат да ги таргетираат Македонија, Албанија или Црна Гора и слично. Ние денес, влегуваме во нашата екипа, со цел нашите услуги да обезбедат повеќе изложувачи кои нас ни ја даваат својата доверба.

Оваа година започнавме со B2B платформата која се вика 365 дена. Услугата е наменета за постоечките изложувачи. Секој од нив кој доаѓа на нашиот саем, доколку не најде партнери во текот на саемот, ја има нашата услуга во текот на целата година. Така, во текот на целата година им бараме клиенти, односно партнери. Едноставно морате да додадете вредност во оваа индустрија. Ако тие две страни (изложувачите и купувачите), не успеат да се поврзат или ти не успееш тоа да го координираш, тогаш нешто не си направил, како што треба. И тоа нам ни е во фокусот – нашите клиенти да бидат задоволни. И не само тоа, туку на основа на оваа работа да изградиме пријателства“, заклучува Беким Џафа, сопственик и директор на саемот АГРОКОС.

 

Валентина Соколовска

за Зелена берза

Share Button