вестиМакедонијаТоп вести

 Бербата на лешниците почна

   Родот годинава е богат, квалитетен и има добра цена

Производителите на лешници кои ги подигнаа своите плантажи меѓу првите во земјава и кои сериозно досега инвестираа во нив во однос на агротехничките мерки сега имаат насади кои се осма година и кои навлегуваат во сериозна и профитабилна родност. Еден од нив е Сашко Крстевски од скопско кој деновиве ја започна бербата на лешниците со нови машини како до комплетирање на целата инвестиција во неговите насади.

-Моите насади се во осма година и се во одлична кондиција бидејќи се заштитени како што треба, добиле храна како што треба и се наводнува колку што е потребно. Според мерењето кое го направив не неколку просечни дрва родот по стебло годинава е достигнат од 4 до 5 килограми, што е задоволително. На мојот насад од  2 хектари јас имам илјада дрва кои се во полна родност и очекувам принос од 4 до 5 тона. Ако се земе дека најниската откупна цена е 2,5 евра а може да достигне и до 3 евра за поквалитетен род јас сум задоволен со груби пресметки на приход од 10 илјади евра од хектар. На оваа година на старост веќе можам да кажам дека сите инвестиции се повратени и сега планираме солиден дополнителен приход, рече Сашо Крстевски производител на лешници од Скопје.

На почетокот кога се почнува со овој агро бизнис сите пресметки се сведуваат на инвестиција од 2,5 до 3 илјади евра за хектар. Праксата која ја има овој производител по 8 години одгледување вели дека оваа пресметка се однесува на оние земјоделци кои ја имаат потребната механизација, кои се веќе овоштари или прават само пренамена на површините додека оние што допрва почнуваат со ова производство треба да знаат дека се потребни инвестиции во трактор, мулчери, атомизери,фрези, дувалки и машини за берба заради што целата инвестиција може да достигне и до 10 илјади евра по хектар. Како пример ја посочи и инвестицијата во машина за берба која е исплатлива само ако имате над 2 хектари односно околу илјада садника или ако се работи за помали насади поисплатливо е да собираат лешник со машини услужно. Како и во другите производства така и кај лешникот голем проблем е работната рака која е се поскапа и тешко се наоѓа. За еден хектар се потребни околу 30 работника за рачно собирање а со машината тоа се прави со два работника за еден ден, што е голема предност.  Покрај изборот на сорта која треба да биде барана и да постигнува добра цена потребно е да се направи и вистински избор на растојанието на садење. Квалитетни сертифицирани садници се предуслов за добар род но и растојание се покажа како многу важен фактор за висок и квалитетен род.

-Мојот насад е подигнат со растојание од 5 на 4 метри и можам да кажам од мое искуство дека можеби идеално би било насадите да се подигаат со растојание од 5 на 5 метри. Кај мене се осма година и за неколку години веќе почнат да се допираат крошните но проблеми големи имаат оние производители кои биле излажани од трговците кои сакале само да им продадат повеќе садници па насадите им се со растојание од 3 на 4 метри. Таму има проблеми со недоволно проветрување и засенчување па имаат загуби на род кој се суши прерано и паѓа. Сега ќе мора да се отстрануваат цели стебла на секој втор садник што не е добро решение. Нашите искуство кои ги црпиме од Италија покажуваат дека одгледувањето на едно стебло исто така дава помалку род и постои опасност од појава на болест да се изгубат годините кои се потрошени на одгледување додека системот со огледување на 4 до 5 главни стебла од еден корен се покажа како подобар додава Крстевски.

Климатските услови за одгледување на лешници последниве години евидентно се променија. До пред десет години во Италија како еден од поголемите производни региони лешниците воопшто не се третираа а сега не само таму туку и во Турција, Грузија, Молдавија па и кај нас потребни се неколку третирања во текот на годината против смрдливката која се јавува на насадите и која може да предизвика намалување на родот и квалитетот на лешниците што ќе придонесе до пониски откупни цени. Но со прибирањето на родот не завршуваат и работите на насадите за производство на лешници. Кај младите насади кои се до петта година потребно е да се обрне внимание на наводнувањето и да се дава вода на секои 4 до 5 дена по околу 50 литра од дрвце и тоа да се одвива до крајот на септември додека кај оние насади кои се со поголем родност наводнувањето се одвива интензивно до крајот на август кога започнуваат подготовките за берба па треба да се престане со наводнувањето за да се измулчира тревата која ќе смета при собирањето на родот а потоа задолжително да се продолжи со наводнување се до крајот на септември бидејќи сега се формира родот за следната година.

З.Б.

 

Слични написи

Back to top button
Close