fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Без домашно земјоделско производство цените дополнително ќе растат

Потребни се ефективни мерки за поттикнување поголемо домашно земјоделско производство

Европските земји веќе развиваат платформа што ќе го осигури земјоделското производство и во следните години. Министрите за земјоделство на 27-те земји на ЕУ неодамна едногласно усвоија збир на заклучоци за Заедничката земјоделска политика (ЗЗП) за периодот по 2027 година. Земјоделската политика, како што се наведува, ќе биде насочена кон поконкурентно и поотпорно земјоделство на кризи. Спротивно на нив, Македонија со години се мачи да го зачува некогашното производство, кое од година на година е помало. Факт е дека и нашата земја има повеќе планови и мерки за поддршка на земјоделството, но и покрај нив, домашното производство се намалува, а расте увозот на храна, пишува https://novamakedonija.com.mk
Клучно прашање е како да се заштити домашното производство, да се поттикнат земјоделците да прифатат нови технологии, модерни решенија што водат кон поголеми приноси, а со тоа и поголемо производство, кое ќе ги задоволува домашните потреби од храна. Стручњаците укажуваат дека мерки за поддршка на земјоделството треба да има, но клучно е како се користат и каков ефект постигнуваат. Тие укажуваат дека во земјоделството нема резултати за краток период, поради што е потребно редовно следење на состојбите.
– Оформувањето и спроведување политики што ќе водат кон успех и раст на земјоделството во Македонија се доста комплексна тематика, за која нема магично стапче. Факт е дека се прават разни обиди, еве токму овој период на Факултетот за земјоделски науки веќе изработивме анализа на Стратегијата за развој на земјоделството, чија презентација ќе биде следниве денови и која целеше кон тоа да се утврдат целите на стратегијата, дали се постигнати, да се утврди реализацијата на планираните мерки и колку сето тоа придонело да се подобрат состојбите во земјоделскиот сектор во Македонија. За жал, факт е дека состојбите во нашата земја во секторот земјоделство не се како што сакаме и потребни се промени што ќе резултираат со поголемо домашно производство и подобрување на условите за работа за земјоделците – вели универзитетскиот професор Драги Димитриевски од Факултетот за земјоделски науки и храна.
Димитриевски за „Нова Македонија“ објаснува дека со анализата што ја изработиле ќе биде потребно да се пристапи кон промени на самите мерки, не во структурите, туку во мерките што се насочени кон поддршка на земјоделството.

– Факт е дека од 2007 година наваму има солидна финансиска поддршка од буџетот за секторот за земјоделците, но начинот на имплементација на помошта е сегмент каде што науката и политиката малку се разидоа. Научната фела не е согласна дека сумите треба да се насочени кон директни плаќања, требаше повеќе да се вложува во рурален развој, бидејќи тоа се мерки што носат промени во структурата, со кои се вложува во механизација, се модернизира процесот на работа и кои придонесуваат да се зачува конкурентноста на секторот. Македонија како мала земја има силна конкуренција, прво во соседите, а потоа и поголемите и поразвиени земји. Државите во нашето соседство сериозно инвестираат и ја користат предноста од природата, а еден таков пример е Албанија – објаснува професорот Димитриевски.
Сепак, тој дополнува дека врз состојбите во нашата земја влијаат и кризите што се појавија во светот, особено војната во Украина, што предизвика голем раст на цените на материјалите што се користат во земјоделството, но и на други влезни трошоци.
Дополнително, тој укажува дека и процесот на депопулација или иселувањето исто така ги влошува состојбите во земјоделството. Фактот што веќе е и очигледен, а тоа е заминувањето на жителите од руралните средини во поголемите градски средини или пак во други држави, значително влијае врз намалување на производството.
– Се напушта обработката на земјоделско земјиште, се намалува бројот на население во руралните средини и нема кој да работи. Дополнително голем дел од земјоделците се повозрасни граѓани, честопати и постари од 60 години, некои од нив се и без образование, и многупати одбиваат да прифатат новини, туку продолжуваат да работат како што го правеле тоа некогаш – посочува нашиот соговорник.
Поради овие факти, Димитриевски појаснува дека ќе бидат потребни сериозни и комплексни мерки за да се подобрат состојбите, да се зголемат домашното производство и продуктивноста на нашите земјоделци.

– Нашите предлози се да се насочи поддршката, наместо поддршка на доходот да се поддржи руралниот развој. Овие промени бараат сериозен пристап и многу работа, но факт е дека во земјоделството нема брзи решенија. За жал, последниве години речиси сѐ што се произведуваше во нашата земја од областа на земјоделството се намалува. Особено е погодено сточарството, сите гранки се со намалено производство, освен свињарството, благодарение на индустриските капацитети, кои успешно функционираат. Производството е солидно и ги задоволуваме домашните потреби, но кај преостанатите состојбите се многу влошени – наведува професорот Димитриевски.
Тој за „Нова Македонија“ укажува дека изминативе години се вложени околу 1,5 милијарда евра во земјоделството, потсетувајќи дека во последните 15 години се инвестираа 100-150 милиони евра од буџетот, што е солидна сума. Но, недостигот од директни плаќања за произведени количества е што парите одат во касата на земјоделците и тие одлучуваат дали ќе бидат за инвестиции во олеснување на работата или во нова технологија или, пак, во нови видови домашни животни што имаат поголемо производство на млеко и слично.
– Ако средствата се делат преку мерките за рурален развој, тогаш ќе мора да инвестира во плодни крави со поголеми приноси или пак во технологија што ќе му ја олесни работата. Може средствата да се наменат за оранжерии, за затоплување, во дигитализацијата, која масовно го освојува земјоделството. Во соседството имаме пример, во Лесковац масовно се градат оранжерии, а кај нас, ако ја земеме како пример Струмица, голем дел се затворија – објаснува професорот.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close