Без соодветно образование тешко до развој на земјоделството
Од осамостојувањето на Македонија до денес беа донесени голем број стратегии за развој на земјоделството, беа потрошени стотици милиони евра за субвенции и обезбедени повеќе извори за бескаматни кредити и неповратни средства за инвестиции, но, и покрај, тоа нашата земја сѐ уште увезува храна и земјоделството сѐ уште не го доживеа посакуваниот развој, иако со оваа дејност се занимаваат стотици илјади македонски граѓани.
Меѓу главните причини за ваквата состојба веќе е препознаена расцепканоста на земјоделската површина. Моментната неповолна структура на земјоделските површини, кои се мали, најчесто до еден хектар, има директно негативно влијание врз економичноста, приходите и профитабилноста на земјоделските стопанства. Уште еден голем проблем со кој се соочуваат земјоделците е неорганизираниот откуп. Земјоделците велат дека главната причина за ваквата состојба е односот на откупувачите, кои, наместо да се фокусираат на откуп на вишокот производи и на насочување на производството кон бараните сорти и европските стандарди, се претворија во организиран монопол што наметнува ниски откупни цени.
Сепак, освен овие проблеми, најновите податоци на Државниот завод за статистика во однос на степенот на образование на лицата што во Македонија се занимаваат со земјоделство укажуваат дека токму недостигот од соодветно образование е клучниот проблем за бавниот развој на земјоделството.
Имено, околу 140 илјади лица во индивидуалното земјоделство се со основно и средно образование. Најголемиот број носители на индивидуалните земјоделски стопанства имаат средно образование, а потоа следуваат лицата со основно образование. Најмала е застапеноста на носителите на индивидуалните земјоделски стопанства со магистратура и докторат.
Според Љупче Станковски, претседател на земјоделското здружение „Агрофаланга“, земјоделството е трудоинтензивна дејност што се одвива во руралните средини, кои се оддалечени од развиените градски подрачја и високите образовни институции.
– Честопати младите жители од руралните области не биле во можност да се образоваат во повисоки степени од образованието, зашто едноставно биле потребни во самото земјоделско производство. За секој член од семејството, од многу рана возраст има работни обврски. Праќањето на школување за подолг временски период значело и губење на работната рака – објаснува Станковски.
Тој додава дека школувањето само по себе значело и некаква предност, но само за вработување надвор од руралната средина. Со секое вработување на жителите од селата во градските области, македонските села опустошуваа, а нашиот увоз на храна растеше. Тој вели дека, наместо сега да имаме огромен извоз, ние со лошата политика се бориме за избалансиран увоз и извоз на храна, а се сметаме за аграрна земја.
– Кога ќе се направат анализа на насоките за кои се образовале жителите од руралните области, ќе се види дека тие се комплетно некомпатибилни со нивната потреба и определба. Спротивно на тоа, постојат и високообразовани кадри, кои јас ги познавам, како правници и економисти, кои почнале да се занимаваат со полјоделство и сточарство. Тие го сфаќаат земјоделството како бизнис, но своето високо образование можат да го употребат само во одредени сегменти од земјоделството, како толкување правни акти, барање пазар надвор од државата и слично. Во голем дел високото образование им е неискористено – нагласува Станковски.
Како што појаснува тој, за правилна употреба на образовниот процес и искористување на потенцијалите е потребно концентрирање на знаењата што се потребни за земјоделците во процесот на нивното производство. Високообразовните институции се сконцентрирани во главниот град, а професорите блокирани со административни обврски, наместо со научни.
– Финансиските средства од државата служат за одржување на институциите наместо за развој на земјоделството во Македонија. И на крајот, како капак на сѐ, е создавањето монополи во откупот на земјоделски производи. Со таквата политика, која се граничи со криминал, ниедна образовна програма или диплома нема да им помогне на земјоделците. Најдобар пример е нашето сточарство, кое е пред колапс и половина од сточарите ги нудат своите стада за продажба – посочува Станковски.
Претседателот на „Агрофаланга“ вели дека за да остварат подобар профит, некои земјоделци се одлучуваат производот да го продаваат на нашиот пазар на црно, а оние што сѐ уште имаат контакти со поранешните клиенти од соседните држави да им го продадат тоа ним за средства што се исплаќаат веднаш.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, неодамна истакна дека земјоделството во 2018 година ќе биде поддржано со 160 милиони евра субвенции.
– Приоритети за оваа година се окрупнување на земјиштето, реконструкција, рехабилитација и изградба на хидросистеми за наводнување, максимално искористување на ИПАРД-средствата, заокружување на системот на безбедност на храната, подобрување на конкурентноста на стратегиските извозно ориентирани земјоделски производи, стимулирање на фирмите за промоција на своите производи на странските пазари и ревизија на доделеното земјоделско земјиште – соопшти Николовски.
Тој додаде дека во изминатиот период ѝ се посветувало малку внимание на истражувачката дејност и речиси воопшто не се одвојувале средства за тестирање нови современи техники и технологии на земјоделско производство, а дека без науката не може да се зборува за модерно земјоделско производство, истакнувајќи дека ќе има континуираната соработка со научните институции при креирањето на новите аграрни политики за развој, за развивање сектор приспособен кон заедничката европска политика.