За прв пат во Битола утре на 29 јуни (сабота) со почеток од 18 часот во пациото на Музејот ќе се одржи „Бирарија“ фестивал на занаетчиско пиво во Битола. Планирано е да се претстават 15 производители со 50 етикети на пиво, кои ќе бидат дегустирани од љубители на занаетчиското пиво.
-„Бирарија“ е концепт кој ја применува филозофијата на Слоу Фуд во производството, презентацијата и консумацијата на пиво, истовремено градејќи ја пивската култура. Концептот го нагласува уникатниот карактер на секое пиво, квалитетните состојки и над сè почитување на знаењето и искуството на локалните пивовари, во суштина спротивно на стандардизацијата на вкусовите на пиво. Истовремено ни служи и како место за промоција и пренесување на трендот на глобалната револуција на занаетчиското пиво во Македонија.
Преку фестивалот Слоу Фуд има за цел да промовира и да го поддржува локалното занаетчиско производство на пиво, од домашите производители до микро пиварниците и да ја поттикнеме потрошувачката на свежо, непастеризирано пиво во пивниците и продавниците, нудејќи им го најдобриот избор на потрошувачите, вели Игор Поповски од Слоу фуд Битола.
Организатор на фестивалот е конвивиумот „Слоу Фуд Битола“,преку проектот „Мобилизација на граѓанското општество за поттикнување позитивни општествени промени – МОГО ПОП“ спроведуван како дел од проектот „Правна помош и поддршка за зајакнување на капацитетите за застапување и одржливост на локални граѓански организации“ на Македонско здружение на млади правници како и подрршка под повеќе јавни претрпијатија во градот.
П.Ј.