Битола, продолжува со изградбата на новиот колекторски систем што ќе го опфати целото Потпелистерие и сите објекти кои гравитираат околу хотелот Молика. Проектот „Колекторски систем Бегова Чешма –Пелистер“ е во должина од 5,6 километри и воедно со него се гради и испуст од пречистителната станица од каде пречистените води ќе се испуштаат во отворен канал во должина од 600 метри. -Покрај колекторски систем во оваа фаза се предвидува и изградба на испуст каде пречистените води ќе се испуштаат од пречистителната станица во еден отворен канал во должина од 600 метри.
По завршување на оваа фаза од изградбата на колекторскиот систем и испустот, остануваат уште 4 километри за изведба, а вредноста на тој колекторски систем до спој со Детското одморалиште ќе чини околу 40 милиони денари. Со тој колектор ќе биде опфатено цело Потпелистерие, вклучително и хотел Молика како и другите објект што гравитираат околу хотелот, изјави Методи Силјановски, директор на ЈКП Нискоградба, Битола.
Минатата година општина Битола во канализациониот систем во овој регион вложи 6,1 милиони денари , за да оваа година продолжуваат активностите со сума во висина од 14, 5 милиони денари, односно сума над 320 илјади евра, велат од Општина Битола. -Овој колекторски систем треба да обезбеди, да немаме веќе проблеми со фекалиите во овој крај. Да овозможиме заштита на животната средина, и инфраструктурни удобности, кој што ќе значат сериозен развој на туризмот. На тој начин ќе овозможиме во иднина да немаме загадување на водите на Пелистер и да имаме услови какви што современиот туризам подразбира, изјави градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска. Според неа дополнително во завршна фаза е склучувањето на договорот за изведба на пречистителната станица кој што треба да се наоѓа во долниот дел од овој опфат кај Црвени Петли, за во иднина да се продолжи со колекторскиот систем и истиот да се затвори до хотелот Молика. -Тоа дава сериозен инпут и на економскиот развој на општината и на она што во иднина ќе претставува препознатливост на туристички центар , атрактивен во целиот свет. Се радувам на овие активности и тие ќе продолжат во насока на заклучување на еден проект кој што на Битола му беше потребен со години назад, рече Петровска. Исто така, покрај овие инфраструктурни зафати, ќе се реконструира и патот во Потпелистерието на овој потег, кој сега е во исклучително лоша состојба. -Веќе е извршена нарачка за јавна набавка за избор на проектант на овој потег, така што, како што се затвора канализациониот систем , ќе бидеме подготвени за реконструкција на патот кој води до Потпелистерието. Тоа подразбира реконструкција од Црвени Петли до трафостаницата, рече градоначалничката Петровска.
А.Б