Битолска Млекара и фармерите – доказ дека вистинско партнерство постои
Да се биде најдобар и да се успее во создавањето висококвалитетни производи се заедничките цели што создадоа цврсто партнерство меѓу Битолска млекара и фармерите.
Да се биде најдобар и да се успее во создавањето висококвалитетни производи се заедничките цели што создадоа цврсто партнерство меѓу Битолска млекара и фармерите. Овој однос покажа и се уште покажува дека со вистинска соработка се зголемува млекопроизводството и се подобруваат условите во индустријата.
Соработката на Битолска млекара со фармерите покажа дека вистинските партнери се тука едни за други во секој момент. Иако соочена со последиците од Ковид кризата, Битолска ја зачува цената на млекото, која во Република Северна Македонија е највисока во регионот и ги интензивираше своите напори за натамошно подобрување на квалитетот, од што корист ќе имаат и Битолска и потрошувачите, а секако и фармерите.
“Како компанија се раководиме од уверувањето дека не само одржливоста на млечната индустрија во целост туку и одењето напред кон подобар настап на пазарот, повеќе пазарни можности, проширување и поголема продуктивност, зависи од заедничко дефинирање на приоритетите. Целта на Битолска млекара е да понуди што поквалитетни производи а тоа можеме да го постигнеме единствено заедно со фармерите млекопроизводители. Нивната економска стабилност за нас значи континуитет на добрите производни резултати и во таа насока е заедничкото креирање на пазарните политики и услови, откупната цена на млекото, субвенциите како и интервенирање во секој дел од функционирањето на фармерите, каде ние како компанија можеме да влијаеме”, смета Ѓорѓи Петрушев, директорот на Битолска млекара.
Ова партнерство само се зацврстуваше со разни активности, иницирани од двете страни со кои се создаваа услови за економско зајакнување на фармерите и нивен натамошен развој. Помошта не изостана и во делот на набавка на сточна храна, финансиски заеми, инсталирање современа опрема што ја користат за подобрување на квалитетот на млекото.
Одржливоста на оваа релација и многу поважно одржливоста на статусот на фармерите, е нешто во што Битолска млекара сериозно вложува. Направи стратегија за директна работа на терен со зачестени посети и работа со фармерите со цел едукација и пренесување најдобри практики за подобрување на хигиената, зголемување на капацитетите и продуктивноста. Воспоставија практика на заеднички настап, за да се постигне поголем квалитет на сировото млеко и зголемување на пазарната односно конкурентската предност.
На овој начин ќе продолжи соработката. Битолска млекара ќе остане моќен застапник на заедничките интереси, како на фармерите така и на млеко-преработувачите, посебно пред креаторите на националните државни политики. За Битолска, субвенциите треба да бидат конципирани така што ќе го наградуваат и поттикнуваат квалитетот.
Фармерите се соочуваат со големи предизвици, од една страна раситнетоста кај производителите, односно големото мнозинство мали семејни фарми, со ниска продуктивност и големи трошоци и од друга страна секогаш присутната опасност и зависноста од временските прилики и надворешни фактори, како сушниот период и недостатокот на сточна храна од природен извор и неопходноста да се набавува скапо и со задолжување. Фармерите секогаш ќе имаат потреба од помош и поддршка на нивната функција и улогата во синџирот на одржливоста на млечната индустрија. А Битолска млекара, Бимилк, покажа дека и во овие тешки услови успева да ја задржи стабилноста и одржливоста и со тоа останува долгорочен партнер на фармерите.