вестиРурален туризамТоп вести

Битолско-Буково ,селото со најубавите градски куќи

Сокаци со градски куќи кои потсеќаат на оние на Широк Сокак се вишнеат во селото Буково, распослано во пазувите на прекрасната природа на Баба Планина.

Има многу причини да го посетите битолското село Буково, и потоа уште толку пак да се вратите назад. За да го почувствувате духот на ова прекрасно село треба со особено внимание и љубопитност да тргнете по селските кривулести улици со градски куќи. Несекојдневна архитектура за селска населба која по многу нешта потсеќа на онаа на Широк Сокак во Битола. Во Буково има околу 250 куќи и 4 цркви.

Многумина во своите импресии од посетата на селото запишале дека Буково е автентично македонско село со уникатна и карактеристична архитектура, со куќи градени во ист стил како и оние во центарот на Битола. Градби стари преку 100 години.

Карактеристично за куќите во Буково е тоа што сите тие како и другите помошни простории се градени само од камен и кал. Каменот бил прибран од реките, со копање и кршење на спили, а земјата од која се правела калта за ѕидање и малтерисување се избирала да биде почиста. Покривот на живеалиштата се од камени плочи и денес голем дел од куќите го зачувале стариот идентитет.

Стилот и висината на градбата на објектите во селото Буково се карактеризира со тоа што околу 90% од куќите се градени со приземје и кат, а многу ретко само на приземје. Во минатото приземјето најчесто се употребувало и служело како ќерал за сместување на бочви со вино, качиња со зимница, алатки и други материјали.

-Буково е најубавото село во Битолско, и тоа по многу нешта. Интересен е фактот   што сите стари куќи имаат високи авлии со големи дрвени порти кои се затворени со железни катанци или внатрешни канџи.

Во самиот влез на куќите веднаш се сретнува широк простор, трем и од него се влегува во другите простории. Скалите се дрвени и заградени со пармаци. Скоро секоја куќа има дрвен чардак со дрвена ограда и дрвен под од  греди или штици. Чардакот денес се користи за сушење на пиперки или за привремено чување на есенските плодови.

Во селото куќите располагаат со пространи дворови и скоро секоја куќа има помошни објекти или како што ние ги  викаме плевни, аури или пондила, раскажува Анита Главевска, жител на Буково.

Таа вели дека постарите градби во Буково имаат и свои фурни. Фурните се градени свртени со вратата на спротивната страна од лицето и влезот на куќата.

Нешто подоцна во дваесеттите години од 19 век, во Буково иако се градело со камен и кал, стилот бил поинаков со повеќе простории за живеење и за другите потреби, без чардаци и со нешто поголеми  прозорци и светлина. Исто така во овој период куќите се граделе повисоки, дури и со три ката.

Тесните улички низ селото кои се споредни се изградени со калдрма или земјен пат, додека главниот пат е асфалтиран.

-Во последните години има многу голем интерес за живеење во селото. Во изминатите неколку години се доселени нови семејства, кои го избрале Буково за нивно живеалиште. Она што е интересно старите куќи однадвор ги реставрираат, а во внатрешниот дел го практикуваат модерниот стил. Сите оние кои градат нови објекти повторно се одлучуваат за камен, но со големи стаклени прозорци, вели Главевска, додавајќи дека она што посетителите посебно ги привлекува  е спојот на старата архитектура и модерниот стил на живот.

Инаку за градскиот карактер на ова населено место зборува и податокот дека во педесеттите години од минатиот век во Буково работело кино. А сега ова село е инспирација на многу филмаџии. Тука се снимани сцени од филмот „Сенки на Балканот“.

Буково се наоѓа на оддалеченост од 5 километри од градот Битола под падините на Баба Планина. Селото е на исток, на сончева страна и се простира на надморска височина од 770 метри. Атарот на Буково зафаќа површина од близу 18 км2, а во непосредна близина на селото се наоѓа археолошкото наоѓалиште на античкиот град Хераклеја, основан од Филип II Македонски.

Во својот најсветол период Буково имало 5.000 жители, а училиштето над 600 ученици. Во 20 век поголемиот дел од населението заминало на печалба во Австралија, САД, Канада и европските земји.

Според пописот 2002 селото Буково брои 3.494 жители и претставува најголемо село во Битолско. Сега во Буково живеат околу 700 жители, а радува податокот што во училиштето учат стотина деца од прво до деветто одделение во 9 паралелки.

А. Блажевска

Слични написи

Back to top button
Close