Календар за овчарство за месец февруари

(Oвој напис е објавен на: February 2, 2018)

ovci

Целта и напорите на секој одгледувач на овци се да не дозволи никакви загуби
за време на јагнењето и од секоја оплодена овца да добие едно или две здрави
јагниња.

Тоа зависи од претходна правилна и навремена подготовка за периодот на јагнењето.
Таа подготовка треба да биде насочена, главно кон:
– Подготовка на овците во последниот период на бременоста и
– Подготовка на поволни услови за одвивање на раѓањето.
Подготовката на овците има за цел да обезбеди нормален развој на плодот и
добра телесна и здравствена состојба на мајчиниот организам, како и нормално
одвивање на јагнењето.
Клучно во вториот период на бременоста на овците е целосно избалансирана
исхрана. Во исхраната овците треба да се вклучат дажби на сточна храна со помал
обем, но со повеќе хранливи материи. Препорачливи се дневните дажби – на овца со
тежина од 60 кг, кон крајот на бременоста да достигнат 1,45 крмни единици и околу
130 г сурови протеини, што може да се обезбеди од следното: 0,5 кг ливадско сено, 0,7
кг луцеркино сено, 1,5 кг силажа и 0,4 кг концентрирана сточна храна.
Втората главна насока на подготовките за периодот на јагнење е за создавање
поволни и хигиенски услови за раѓање. За тоа е важно на околу 10 дена пред
очекуваното прво јагнење, овците да се изнесат од шталата и да се изврши основно
чистење. По чистењето, ѕидовите и подот се третираат со раствор за дезинфекција
(свежо гасена вар). По чистењето, друга важна постапка е изградба на единечни
боксови за мајките и новородените јагниња кои се очекуваат – со големина 1,5 x 1,5
метри, каде ќе се одвива породувањето и каде тие останат 3-4 дена.
Третата насока е достапност и исправност на целиот неопходен прибор – ако
трлото -шталата не е електрифицирана, се обезбедуваат 1-2 светилки на гас отпорни
на кршење. Се подготвуваат чисти крпи за бришење – сушење на новородените
јагниња, ножици и јодна тинктура за сечење и дезинфекција на папочната врвца.
Особено важно е да се овозможи првото цицање на јагнињата и тоа до 60
минути по раѓањето со цел да се исцица на максимално количество колострум во
првите 2-3 дена. Бидејќи новородените јагниња се чувствителни на студ, треба да се
обезбеди чиста и топла просторија за одгледување на јагнињата од раѓањето до 15-
20-дневна возраст.
Кон овците кои штотуку се објагниле, се посветува исто внимание и грижа, при
што посебно внимание треба да се посвети на состојбата на вимето и млечноста. За
овци со помала млечност треба да се обезбеди сочна и концентрирана храна која ќе ја
стимулира лактацијата.
Тешкиот деноноќен труд на фармерите за време на јагнењето многукратно се
исплатува кога новородените јагниња ќе бидат заштитени од болести и смртност и ќе
се одгледаат во здрави и витални јагниња.


 

агенција.гов.мк